Вести
Превентивна кампања на полицијата против употреба на пиротехнички средства
– „Слави со срце, не користи петарди и други пиротехнички средства“ е мотото на кампањата на Министерството за внатрешни работи со која укажуваат дека ваквите средства се опасни по здравјето и безбедноста на граѓаните. Припадниците на секторот за внатершни работи на градскиот плоштад поделија флаери и ги повикаа граѓаните да се придржуваат до законот, но и да мислат на сопствената безбедност.
„Апелираме до граѓаните да се воздржат од користење на пиротехнички средства пред и за време на новогодишната ноќ. Така ги доведуваат својот живот и здравјето во опасност, но и животот и здравјето на другите. Доколку некој им понуди пиротехнички средства граѓаните можат да се обратат или да пријават на 192“, изјави Ивана Младеновска, портпарол на СВР Куманово.
Воедно таа потсети дека важи законската одредба за лицата кои што неовластено изработуваат, држат, продаваат, набавуваат или вршат размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи следува казна затвор од три до десет години. Доколку се работи за поголемо количество на огнено оружје, муниција или експлозивни материи, или огнено оружје, муниција или експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети, сторителот се казнува со најмалку пет години затвор.
Сузана Андоновиќ











