Вести

Само три жени се претседателки на урбани и месни заедници во Општина Куманово од вкупно 68

Само три жени се претседателки на урбани и месни заедници во Општина Куманово од вкупно 68

Една од три жени, претседателки на месни и урбани заедници во Куманово е Сања Величковиќ од село Четирце. Таа на изборниот собир беше изберена од мнозинство на гласови од жителите на селото.
Вели дека ќе работи за потребите на жителите на оваа месна заедница, а приоритет ќе биде водоснабдувањето и инфраструктурата на селото.

– Жителите на село Четирце гласаа и изгласаа јас да бидам прва претседателка, жена, на месна заедница во селото, знам дека е одговорна работа, но ќе работиме и ќе направиме што е можно повеќе за подобар живот на жителите во Четирце. Приоритет ќе биде водоснабдувањето, подобрување на електричната енергија, бидејќи имаме слабо напојување и инфраструктурата, вели Величковиќ.

Како жена кандидат имала притисок од некои жители да се откаже.

– Имав притисок од жители кои доаѓаат на викенд во селото, а од селаните кои живеат во Четирце, не. Ми велат ќе биде тешко и одговорно и дека допрва ќе има притисоци, но не потклекнавме на тоа, продолживме упорно да се бориме и ќе се бориме, вели Сања Величковиќ, новата претседателка на месна заедница на село Четирце.

Урбаните и месните заедници работат во рамките на правата утврдени со Уставот на Република Македонија, законите во Република Македонија, Статутот на Општината Куманово, одлуките за основање на месните самоуправи, овие правила, и делегираните надлежности од градоначалникот на општината на урбаните и месните заедници.

Во општината се создаваат услови за основање на урбаните и на месните заедници, како битен елемент на општината, со што се овозможува на граѓаните да придонесуваат за нејзино подобро функционирање во целина, непосредно да ги согледуваат проблемите на заедничкиот живот во соседството, да расправаат за можностите за нивно решавање, да донесуваат одлуки и да здружуваат средства, како и непосредно да се ангажираат во спроведување на заеднички донесените одлуки.

Работењето на граѓаните во структурите на урбаните и месните заедници, односно во нејзините органи и тела, е доброволно. Активист може да биде секој жител на урбаната или месната заедница без оглед на неговата етничка припадност, пол, возраст, социјален статус и потекло, степен на образование, професија или пак политички, партиски и верски убедувања.

Но за жал од 68 месни заедници само во 3 претседатели се жени, во 65 мажи.

Невладиниот сектор сугерира да има повеќе жени кои ќе бидат вклучени во месните одбори.

Урбаните и месните заедници имаат право да дават иницијативи и предлози за решавање на определени прашања од страна на општината, како и да бараат од општината да покренува решавање на одредени прашања пред други надлежни органи.

Урбаните и месните заедници даваат предлози до органите на општината за членови на посебните тела на локалната самоуправа кои разгледуваат прашања од областа на урбанизмот, заштита на потрошувачите, односите меѓу заедниците застапени во општината, како и за други предлози за кои тоа е предвидено со закони, статутот и другите прописи на општината.

Надлежности на урбаните и месните заедници се :
-разгледување на состојби и заземење на ставови за прашања од непосредно и секојдневно значење за животот и работата на жителите од тоа подрачје,
-донесување на заклучоци и одлуки и утврдување на предлози за решавање на прашања и проблеми од непосредно и секојдневно значење за животот и работата на жителите од тоа подрачје,
-учество во реализација на одредени одлуки, заклучоци и мерки што се од значење за жителите од тоа подрачје, донесени претходно од Советот на Општината, градоначалникот, државните органи или пак од самите месни самоуправи,
-завземање на ставови за одделни прашања што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на општината и органите на државната власт.

Сузана Андоновиќ

Radio Bum

December 12th, 2022

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *