Вести
Ковачевски на трибина во Куманово кажа дека очекува стабилизирање и намалување на цените на основните прехрамбени производи до 10%
„Антикризните мерки даваат резултат, но имаме уште работа. Децата мора да одат в училиште, мора да имаат греење, мора да има електрична енергија за да функционираат градинките, училиштата. Мора да функционираат и болниците, здравствените работници да имаат услови за работа и да се грижат за здравјето на пациентите. Затоа во регулираниот пазар на струја овозможивме да се вклучат јавни здравствени установи, како и 365 основни и 109 средни училишта, вкупно 518 субјекти, кажа Димитар Ковачевски претседател на СДСМ и актуелен премиер на Македонија на трибина „Силно и одлучно кон иднината“ во Куманово.
Пред своите сопартици Ковачевски кажа дека цената на лебот веќе се намалила, цените на маслото за јадење на некои производители исто така се намалија како резултат на последната мерка, а во наредиот период очекувам стабилизирање и намалување на цените на основните прехрамбени производи до 10%, кажа тој.
Претседателот Ковачевски посочи дека неговата цел е просперитетна, економски напредна држава, во која сите ќе ги живеат европските вредности.
– Од наши кумановци па ширум државата, граѓаните мора да го добијат она што го имаат европјаните и ништо помалку. Тоа е мојата задача, тоа е нашата заедничка цел. Во изминатите 10 месеци успеавме да ги совладаме предизвиците наметнати од глобалната економска и енергетска криза и да ја спасиме македонската економија. Ги паметиме сите тие драматични вести на почетокот на годината кога изби најголемиот геостратешки конфликт во светот по Втората светска војна, додаде Ковачевски.
Ковачевски зборуваше дека во период од пред само неколку месеци, соочувајќи се со ударите од светската економска криза, не се знаеше дали ќе има леб, брашно, храна, струја, греење, нафта, не се знаеше дали ќе имаме доволно пари.
– За мене беше најважно да ги заштитиме финансиски најзагрозените граѓани, пенизонерите со мали пезии, самохраните родители, социјалните случаи, другите ранливи категории граѓани, а од друга страна да се заштити и достоинството на работниците. Тоа е основата на социјалдемократијата која Куманово многу добро ја познава.
Тој додаде дека двата пакети антикризни мерки биле носени низ широки консултации и дека нивната реализација дала резултат.
– Пред да се донесат антикризните мерки, со мојот тим деноноќно имав консултации во кои беа вклучени експерти, работодавачи, здруженија, преставници на Стопанските комори во земјата. Ја спасивме македонската економија со мерките кои ги донесовме во текот на 2022 година, а вкупниот пакет на антикризни мерки изнесува досега 760 милиони евра. Најголем пакет во целиот регион. Пари од граѓаните за граѓаните.Обезбедивме доволно храна, струја, нафта, греење, никој не е оставен сам, рече Ковачевски пред сопартиците во Куманово.
Тој даде и отчет за 10 месечното работење.
-Цели 11 години Куманово беше заборавено од ВМРО-ДПМНЕ, ништо не направија за најголемата општина во државата, ама затоа Владата на СДСМ вложува во сите општини, а само во Куманово има вложено над 120 милиони евра.
„Обновивме над 85 километри локални и регионални патишта само во изминатите неколку години, а интензивно се градат и нови. Патот Куманово – Свети Николе, Куманово – Никуштак, Куманово-Белановце. Понатаму патот Куманово – Крива Паланка, регионалниот пат од село Војник до Страцин и Страцин – Крива Паланка – граничен премин Деве Баир. Тоа се главните патни инфраструктурни артерии коишто ќе креираат можност за развој на целиот овој регион, и многу други кои не беа чепнати повеќе од 50 години. Го обновивме и го оживевме Коридорот 8, а железничката пруга кон Бугарија после децении станува реалност“ посочи Ковачевски.
Покрај во патната инфраструктура, Ковачевски посочи дека се инвестира и во важни објекти во Куманово и околните населени места.
-Направивме три училишни спортски сали, ги заменивме водомерите во Куманово, го градиме рекреативниот центар Студена вода, нови детски градинки, училишта, „Соколона“, Младински културен центар, спортска сала, котлана во Болницата. Владата оваа година донесе одлука за финансиска поддршка за нов објект за средното училиште Сами Фрашери и Наце Буѓони. На вчерашната владина седница донесовме одлука за реконструкција на објектите на основните училишта „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Петков Мисирков“. И нема да застанеме, ќе продолжиме да инвестираме, порача Ковачевски во Куманово.
Во завршниот дел од своето обраќање во Куманово, Ковачевски упати и порака до лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицковски за кого кажа дека е човек без визија, без став, а Апасиев е пироман со визија за хаос и меѓуетнички тензии.
„Двоецот Мицкоски – Апасиев инспирирани од 11 годишното владеење на Груевски може само да понудат изолација на земјата, омраза меѓу граѓаните, конфликт со соседите и масовно иселување на младите. Тоа нема да го дозволиме! Затоа Мицкоски е упашен и нервозен, затоа постојано бара предвремени избори, како одминува времето Апасиев му ги зема гласовите.
„Дали на странските политичари кои доаѓаат во државата, вклучитечлно и на домашните политичари, на состаноците што ги има со нив им вели: “Дајте ми власт и ќе го сменам Уставот“ , нека одговори па нека чујат и странците и нашите граѓани“, истакна Ковачевски.
„Храброст не е да седиш на страна, да се криеш зад Апасиев, да правиш штета на својата земја и да бараш предвремени избори. Храброст е да засукаш ракави, да обезбедиш струја, вода, енергија во време на најголема криза.Храброст е да обезбедиш најголем пакет антикризни мерки на Балканот додека целиот свет страда. Храброст е да се донесе Буџет со нова економска визија за економска пресвртница. Храброст е да се обезбеди македонскиот идентитет еднаш засекогаш. А најголема храброст е да се донесе тешка одлука за иднината на земјата а не да се криеш како заложник зад Апасиев, рече Ковачевски во Куманово.
„На првото изборно соочување Мицковски доживеа пораз од мене, така ќе биде и на изборите во 2024 година. Немаш храброст Мицкоски, уплашен си и тоа граѓаните го препознаваат. На првото изборно соочување доживеа пораз од мене, така ќе биде и на изборите во 2024 година, истакна Ковачевски.
Ковачевски порача дека е политичар кој зборува и работи за економска визија и европска иднина.
„Заедно со вас ќе обезбедиме просперитетна иднина и европска перспектива, сите граѓани заслужуваат висок стандард и квалитетен живот и ние тоа ќе им го овозможиме.“ кажа Ковачевски пред кумановчани.
Сузана Андоновиќ