Вести
Нема да се покачи цената на патарините во Македонија, во Србија од 1 јануари, патарината ќе поскапи за девет отсто
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми денеска информираше дека засега остануваат исти цените на патарините во земјата.
-Сега таа е цената на патарините, потенцира Рустеми.
Рустеми исто така напомена дека согласно одлуката од „Отворен Балкан“, продолжуваат со соработка и со јавните претпријатија на Србија и на Албанија за заедничкиот проект за воспоставување еден уред за наплата на патарини во трите држави. Проектот е во фаза на прилагодување на системите, изработка на веб апликација и законски усогласувања.
Патарината во Србија од 1 јануари ќе се зголеми за девет отсто, најави в.д. директорот на јавното претпријатие „Патишта Србија“ Зоран Дробњак.
Дробњак изјави дека Владата на Србија го одобрила зголемувањето на патарините.
– Ако цената на патарината за првата категорија возила на делницата Белград – Прешево е 1.490 динари (12,6 евра), сега по поскапувањето ќе биде 1.624 динари (13,8 евра), изјави Дробњак.
Патарината за делницата Белград-Ниш е 890 динари, а од 1 јануари возачите ќе ги чини 970 динари.








