Вести
Потребен Шелтер центар и поголема суштинска поддршка за одржливост на советувалиштето на жртви од семејно насилство
Насилството врз жените во државата е широко распространето, а скоро половина од жените и девојчиња над 15 годишна возраст преживеале психичко, физичко или сексуално насилство од својот интимен партнер, покажува истражувањето на ОБСЕ.
Во Куманово, во центарот за социјална работа во 2020 година семејно насилство пријавиле 67 жртви, а во првите три квартали на 2021 семејно насилство било пријавено од 60 жртви од кои 51 биле жени.
Реалната бројката за жал е поголема, а жените не се чуствуваат заштитено од државата и многу од жените го трпат насилството затоа што немаат каде да побараат помош, а нема ни Шелтер центар во Куманово како најголема општина во државата, реагира невладиниот сектор.
Потребна е финансиска поддршка од општините од североисточниот регион за да се обезбеди суштинска поддршка на жртвите на семејното и родово базираното насилство, проблемот го потенцираа претставници од повеќе институции на работната средба која ја организираа две невладини организации од Куманово, Национален ромски центар и „Мајка“.
Претседателката на Советот на општина Куманово Ивана Ѓорѓиевска рече дека и досега имало советувалиште, но дека поради недостиг на финансии советувалиштата згаснувале.
– Отворено е советувалиште „Зона на комфор“, засега поддржано од НРЦ и „Мајка“ ќе трае цела година. Општината учествува со 20 проценти и општината. Проблемот е што нема средства за одржливост, ангажираните не се доволно платени, дел од нив не се вработени, затоа е важна поддршката на локалните власти од сите шест општини од регионот за да се обезбеди вработување на најмалку три лица и потоа да се побара државна помош за лиценцирање на сервисот кој е неопходен за жените жртви на насилството, смета Ѓорѓиевска.
Ашмет Елезовски од НРЦ кажа дека е важна системската заедничка поддршка за жртвите на семејното и родовото базирано насилство.
– НРЦ успеа да ги обедини сите институции, Центарот за социјални работи, невладините, локалните власти, затоа што сметаме дека е многу важна поддршката на жртвите на семејното и родовото базирано насилство. Важно е да им се пружи моментална поддршка на жртвите, да знаат дека не се сами и да се оттргнат од таквата насилничка средина, изјави Елезовски.
Според податоците на невладините, на ниво на државата помош бараат од 1.300 до 1.500 жени, жртви на семејно насилство. Ова е само мал процент од вистинската бројка на жени кои трпат насилство. Податоци за жртви на родово базирано насилство, засега нема државата развива начини како ќе ги собира податоците.
– Целта на отвореното советувалиште е жената да излезе и да остане надвор од домот. Шелтерот е друг тип на поддршка, потребен за регионот околу Куманово како најголема општина во североисточниот регион. Мора да разлислуваме за заедничко дејствување и финансирање на општините на вакви сервиси. Граѓанските организации сакаат да обезбедат одржливост преку финансирање на општините, а како втор чекор да планираме отварање на Шелтер центар, значаен за жените кои се жртви на повторливо насилство, на кои им е загрозен физичкиот интегритет, здравјето, изјави Елена Димушевска, од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Лидија Илиевска од „Мајка“ информираше дека советувалиштето лоцирано на „Моша Пијаде“ бр. 39 во Куманово, нуди правна, социјална помош, психолошко и кариерно советување. Од отворањето на центарот засега шест жени побарале помош и едно дете сведок на семејно насилство.
Средбата насловена „Обезбедување на одржливост на центарот за советување за помош и поддршка на жени жртви на семејно и родово базирано насилство во Североисточен плански регион се реализира во рамки на проектот“ се реализира во рамките на проектот „Застапување за обезбедување на специјализирани сервиси за помош и поддршка на жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство“, кој го спроведува Националниот ромски центар како дел од проектот „На патот кон ЕУ: Спречување на насилството врз жените во РСМ“ финансиран од Фондацијата „Kvinna ll Kvina“.
Сузана Андоновиќ










