Вести

Акција за пошумување на спомен Костурница

Акција за пошумување на спомен Костурница

Во рамките на кампањата „Куманово мој зелен дом“ во организација на јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ и општина Куманово, на спомен Костурница започна акцијата за пошумување каде ќе бидат засадени околу 1.000 садници, а на повеќе локации во градот уште 2.000 садници на зимзелени дрвја.

Екипи на комуналното претпријатие, претставници на Oпштината, Советот, Армијата, Територијалната противпожарна единица и здружението на армиски и полициски ветерани од активен и резервен состав денеска на Спомен костурница започнаа со масовно пошумување на локалитетот. Според надлежните, во текот на денот ќе бидат засадени над 1.000 висококвалитетни листопадни садници, апелирајќи за нивно зачувување.

– Апел до граѓаните првично да ги сочуваме садниците, да не ги уништиме, бидејќи тоа се случува на многу места, а секако општина Куманово заедно со своите капацитети и јавните претпријатија ќе продолжи со ваквите акции и во месец ноември, а секако и во месец декември доколку дозволат временските услови. Денеска ќе бидат засадени 1000 и дополнително на други локации, една од можните локации за пошумување е на локацијата околу градските гробишта, оној зелен ѕид да се обидеме да го обновиме и дополнителни локации кои што можат да бидат и предлог од граѓаните. Апелирам да контактираат со ЈП „Чистота и зеленило“ и воедно да ги информирам граѓаните доколку имаат план или намера и самите да се вклучат во вакви акции можат во секој момент да се обратат во ЈП и да добијат садници за пошумување на јавно прометни површини и државно земјиште, Максим Димитриевски, градоначалник на општина Куманово.

-И оваа мерка и овие акции кои што ги преземаме се дел од планот за долгорочно справување со аерозагадување и заштита на чистата животна средина и чистиот воздух и засадуваме и висококвалитетни садници претежно онаму каде што има пристапни терени за полевање, но и заштита на самите нив бидејќи често сме сведоци на нивно уништување од страна на несовесни граѓани, но садиме и зимзелени дрвја. Би ја искористил оваа прилика да упатам еден апел до сите граѓани да не ги уништуваме овие садници, да се погрижиме да ги одржиме и да ги посадиме во што поголем број, Даниел Стојчевски, директор на ЈП „Чистота и зеленило“.

За да се подигне јавната свест за зачувување на животната средина и зазеленување на градот во наредниот период ќе бидат организирани поголем број на акции за пошумување иницирани од претседателката на Советот на општината, Ивана Ѓорѓиевска. Таа посочи дека општината има слух за потребите и проблемите на сите граѓани, но она што се бара од кумановци е да имаат почит кон инвестициите.

– Да повикаме голем број на граѓани, тие да си одредат локации во согласност со она што имаме потреба како општина и еве можност да се обратам на сите претседатели на месни заедници, управители на згради, населби кои имаат потреба да пошумат, да направат некое убаво катче за седење да се обратат кај мене и во соработка со „Чистота“ ќе набавиме убави садници и да го оплемениме градот. Јас постојано инсистирам на еколошка едукација и кревање на еколошката свест на луѓето, се што бараат ќе им се даде, меѓутоа услов е да не фрлаат отпадоци во реки, изјави Ивана Ѓорѓиевска, претседател на Совет на општина Куманово.

Во изминатиот период јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ има засадено околу 2500 садници, дел од нив на Градскиот кеј, дел на локалитетот Студена вода, но има и обновени дрвца во централното градско подрачје.

Radio Bum

October 28th, 2022

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *