Вести
Училиштето „Киро Бурназ“ организираше ,,Ден на храна“
По повод Меѓународниот ден на храната, а во пресрет на утрешниот патронен празник, државното средно училиште, Регионален центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“ организираше настан ,, Ден на храна“ на која учениците заедно со професорите порачаа дека здравата храна, носи подобро здравје.
Настанот годинава се одржа во просториите на Центарот за култура, бидејќи училиштето целосно се реновира. Во подготовка на производите учествувале најголем број наставници, родителите, ученици, но и пекарниците од градот, изјави Весна Трајковска, директорка на регионален центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“.
-Нашето училиште неколку години наназад го одбележува Светскиот ден на храната, тоа е 16-ти октомври, но одлучивме да го одбележиме малку порано. Мотото е „Здрава храна, подобро здравје“. Сите знаеме дека ако внесуваме органска, здрава храна, тоа е голем придонес за нашето здравје, подобри ментални и физички способности. Годинава денот го одбележуваме токму во Центарот за култура, бидејќи во нашето училиште во тек е реконструкција и тоа ќе потрае неколку месеци. Наша иницијатива уште пред неколку години беше овој ден да го одбележиме и да вклучиме и други институции кои се поврзани со храна, изјави Трајковска.
Бидејќи сме државно училиште И го има смерот од прехранбената струка, сега можност преку тоа што станавме регионален центар, токму и за прехранбена струка, одлучивме нашето училиште да ја има оваа организација, а ќе продолжиме и со поголеми размери да го одбележуваме овој ден, вели Трајковска.
Главната порака е јадете здрава храна, органска за да бидете поздрави и да можете да имате квалитетен живот. Овој ден на манифестацијата имаме присуство и на голем број претставници на претпријатија, кои се наши долгогодишни соработници, изведуваме практична работа, тоа се пред сè пекарниците од градот и земјоделските институции кои се занимаваат со производство и преработка на храна. Во подготовка на производите учествуваа најголем број наставници, сите ние вложивме труд но не можеме да ги заборавиме ниту родителите, кои дадоа свој придонес, учениците, пекарниците од град и тоа успеавме да го подготвиме. Оваа година можам да бидам задоволна, од уписот на учениците не само во прехранбената струка, оваа година уписот беше на многу повисоко ниво од лани, за 50 проценти е зголемен бројот на ученици во прва година, за разлика од лани. Се надевам дека наредните години откако ќе заврши целосната реконструкција интересот на учениците ќе биде уште поголем, не само од нашиот град туку од целиот регион бидејќи сме центар за североисточен плански регион, изјави директорката, Весна Трајковска.
Од училиштето нагласуваат дека годинава е поголем интересот кај учениците за прехранбената струка.
Татјана Митевска, професорка по прехранбена група на предмети вели дека манифестацијата е традиционална и ја одржуваат 10 години во училиштето.
– Манифестацијата Денови на храна ја одржуваме веќе 10 години во нашето училиште. Секоја година активно учество земаат сите наставници, посебно професорите од прехранбената група, учениците и нивните родители. Секоја година Денот на храна си има свое мото, оваа година е Безбедна храна, здрави навики. На сите, особено на младите би им препорачала колку што можат да користат да применуваат здрави навики во нивната исхрана, вели Митевска.
Во последно време има тенденција на зголемување на бројот на ученици, морам да признаам дека минатите години имавме една стагнација во оваа струка, но сега со преминување на училиштето во регионален центар, училиштето се опремува, реновира, и се надеваме дека ќе има уште поголемо зголемување на бројот на ученици. Во училиштето сите наставници обрнуваат внимание имавме и струка која до пред некоја година функционираше техничар нутриционист, каде што навистина дававме голем влог во изучување на здравиот начин на исхрана меѓутоа сè уште нашата нација нема доволно свест за ова, изјави професорката Татјана Митевска.
Освен свои настани училиштето „Киро Бурназ“ дава поддршка и на останатите манифестации во градот. Учениците неодамна со свој штанд и пчелни производи, беа дел и од саемот „Денови на мед“.











