Вести
Отворена саемската манифестација ,,Денови на мед 2022″ во Куманово
Во организација на пчеларското здружение ,,Пчела” од Куманово, а под покровителство на општина Куманово денес на градскиот плошдат е отворена саемската манифестација ,, Денови на мед 2022″.
Според информациите на организаторот, 19 производители од Куманово, Берово и Република Србија учествуваат на саемската манифестација која ќе трае до сабота.
• Оваа година не беше најдобра за пчеларите, но ние веруваме дека секоја наредна година ќе биде подобра, изјави Бобан Стошевски, претседател на пчеларското здружение Пчела.
Приносот на мед според Стошевски годинава е многу намален пред се поради климатските промени, а саемската цена на медот е 600 денари.
• Немаме доволни количини на мед за оваа година, а граѓаните може да ги опслужиме само до февруари. Цената на медот од лани е покачена за 100 денари. На саемот кој има меѓународен карактер имаме многу млади излагачи кои започнуваат да се занимаваат професионално со пчеларство, а тоа не радува бидејќи пчеларството бележи нагорен тренд, изјави Стошевски.
Производителот Љубчо Стојчевски, професионален пчелар, кој со пчеларство се занимава 8 години и првпат учествува на саем во Куманово, вели дека и покрај малите приноси сепак ќе продолжи да се занимава со пчеларство.
• Саемот е добра можност потрошувачите да се запознаат со квалитетот на нашиот мед, но и користа од овој природен производ. Како што изјави Стојчевски, тој пчелите ги чува во село Габреш, а има околу 80 кошници.

Годинава не сме задоволни со приносите бидејќи климатските услови не се добри, високи температури и суша не се добри услови за медоносна година, вели Стојчевски.
За нашиот реон оваа година беше подобра од лани, вели Емилија Манчевска, која со пчеларство се занимава 15 години, а покрај производство на мед произведуваат и козметички производи на природна база од пчелите.

• Последните 5 години се преорентиравме на органско пчеларство и сме задоволни со приносите од мед за годинава. Пчелите ги чуваме во село Студена Бара, кумановски регион, а покрај медот произведуваме и матичен млеч, полен, прополис и козметички производи на природна база од восок од пчели. Од една кошница во просек годинава извадивме 15 килограми мед, вели Манчевска.
Саемската манифестација ја отвори претседателката на советот на општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, таа со претседателот на пчеларското здружение Пчела, Бобан Стошевски на пчеларите, ветерани им доделија дипломи за 50 години учество во здружението.
Бранко Тасесвски, еден од највозрасните пчелари доби и награда за активно промовирање на пчеларството.
Пчеларите на саемот упатија порака до сите граѓани да ја чуваат животната средина, да не ја загадуваат, а за поголеми приноси на мед да се засадуваат цвеќиња.










