Вести
Училиштето „Толи Зордумис“ со проект за меѓуврсничко насилство
Во ООУ „Толи Зорумис“ во текот на учебната 2021/22 година беше реализиран проектот Еразмус+ К101 „Справување со меѓуврсничко насилство и конфликти“. Во рамките на проектот шест наставници/стручна служба од училиштето посетија две европски обуки на темите „Менаџирање на конфликти, емоционална интелигенција или спречување на bullying“ и „Стоп за bullying/cyberbullying и креирање позитивна училишна средина“.
Во училиштето беа спроведени две дисеминации за наставници (на македонски и албански наставен јазик), шест работилници за ученици (во централното и подрачното училиште, на македонски и албански јазик) и пет работилници за родители (во централното и подрачното училиште, македонски и албански јазик). Едукативните содржини (прирачници, презентации, видеа), креирани во рамките на овој проект, беа промовирани во општината и на територијата на целата држава и уредно поставени на веб страна на училиштето www.ooutolizordumiskumanovo.edu.mk достапни за било кој и во било кое време.
„Активности во врска со спречување на меѓуврсничко насилство и конфликти, bullying/cyberbullying, креирање на позитивна училишна средина во континуитет ќе бидат спроведувани во нашето училиште во текот на целата учебна 2022/23 година, како и во наредните учебни години“, посочува Фросина Манева, помошник координатор на проектот од ООУ „Толи Зордумис“ Куманово.
Според Манева, глобалната цел на овие активности ќе биде зголемување на бројот на ученици обучени да препознаат и спречат меѓуврсничко насилство, bullying и cyberbullying. A, како директна последица ќе има намалување на бројот на случаи на меѓуврсничко насилство во училиштето, а со тоа и намалување на бројот на престапници во општината и пошироко.









