Вести
Започна втората фаза од реконструкција на театарот во Куманово
Интензивно се работи на втората фаза од реконструкција на театарот во Куманово, во која е опфатено поставување на водоводна и канализациона мрежа, електрична инсталација по што ќе почне и третата фаза од реконструкцијата. За изведба на втората фаза одвоени се 12 милиони денари, изјави Сашо Тодоровски, директорот на Националната установа Центар за култура Трајко Прокопиев од Куманово.
Тој вели дека првата фаза од реконструкцијата била најтешка за работа бидејќи зградата на театарот е стара 70 години , но со добар и професионален тим успешно е реализирана.
– Градежните активности опфаќаа санација и преадаптација на темелите, гледалиштето, сцената опфаќајќи ги канцелариите, помошните простории, кабините за тон, светло, изјави Тодоровски.
Втората фаза од реконструкцијата се очекува да заврши за четири месеци или до јануари, годинава. Третата фаза предвидува реконструкција на кровниот дел и на сцената. Во четвртата се предвидени внатрешните уредувања.
– Реално доколку имаме финансиски средства очекуваме до средината на 2024-та година целосна реконструкција на театарот, дополни Тодоровски.
Градежните активности се спроведуваат согласно предвидената динамика. Театарот зафаќа површина од 1.200 метри квадратни.
Виолета Џуровска од ателје за архитектура и дизајн „Архиум“ појаснува дека покрај потребната инсталација се додаваат и градежни детали.
– Првата фаза беше најтешка, бидејќи се работи за реконструкција и за јакнење на објектот. Имавме позиции на кои беше потребно да се изведат армирани бетонски столбови внатре во објектот покрај постоечките столбови, за што беше потребно стручно мислење на ИЗИС, појаснува Џуровска.
Во првата фаза преземени се мерки за унапредување на градбата, направени се нови простории користејќи ги постоечките. Театарот ќе има пристап со полукружна рампа, лифт, тоалет за лица со попреченост, нови простории за актерите, нови тоалети за публиката и актерите.
Театарот по реконструкцијата ќе има шест простории, затоа што во објектот работи македонската и албанската драма. Реконструкцијата се изведува во специфични услови, бидејќи објектот се наоѓа помеѓу две училишни згради. Театарот е постар објект и затоа пред почетокот на санацијата се извршиле испитувања мерења, испитувања, од Институтот за земјотресно инженерство. Објектот е од А категорија, запазени се сите процедури, а театарот ќе го задржи автентичниот изглед.











