Вести
Покрената постапка за поставување фотоволтаични централи во Куманово
Иницијативите се почнати од приватни лица, едната од централите има јачина од десет мегавати и се наоѓа во село Речица, втората со јачина од три мегавати во село Табановце. Проектните програми за изработка на урбанистички проект вон опфат на урбанистички план со намена за е-инфраструктура, површински соларни и фотоволтаични електрани (фото-напонски панели за производство на електрична енергија кои се градат на земјиште) се објавени на општинската веб-страница,информираат надежните од секторот за урбанизам од општината..
– Во општина Куманово почната е постапка за неколку фотоволтаични централи, сите иницирани од приватни лица. Земјиштето е во приватна сопственост, две се во малку понапредна фаза, токму тие се објавени на сајтот на општината, одобрена е планската програма. Едната се наоѓа во вон плански опфат на село Речица, втората е вон плански опфат на Табановце. Едната е со јачина од десет мегавати, втората е со три. Сакам да кажам дека иницирана е и постапка за добивање на простор од Агенцијата за просторно планирање за уште две централи, едната е вон плански опфат на село Биљановце, втората вон градежен реон на Куманово. И двете се со јачина од десет мегавати, изјави раководителката на секторот за урбанизам, Емилија Сларидис Јаневска.
Таа појаснува дека земјиштето може да биде сопственост на физички лица, а потоа за да почне со работа, мора да се основаат фирми. Постапката за поставување на фотоволтаични централи на земјиште е посложена постапка, бидејќи, објаснува Сларидис Јаневска потребно е да се изработи урбанистичка документација со соодветна намена на земјиштето.
– Бидејќи во овој момент, земјиштето нема никаква намена. Тоа се ниви од втора, трета, четврта категорија, зависи кој какво земјиште има. Мора да се изврши постапка на урбанизација. Самата постапка на урбанизација на такво земјиште трае од шест до девет месеци, во зависност од планерот кој ја работи планската документација и од другите институции. Во постапката на почетокот е вклучено Министерството за животна средина и Агенцијата за планирање на просторот од каде почнува постапката за урбанизација, се добиваат услови за планирање на просторот. Општината ја води целата постапка за урбанизација во системот е-урбанизам. Откако ќе се усвои урбанистичката документација дури тогаш се изработува основниот проект и се аплицира во е-градежни дозволи за издавање на одобрение за градење. Сакам да напоменам дека општината согласно Законот за градење ги издава одобренијата до еден мегават, а за оние над еден мегават постапката за урбанизација оди преку општината, но одобренијата за градење го издава Министерството за транспорт и врски, вели Сларидис Јаневска.
Во Куманово од декември лани, од почетокот на енергетската криза за поставување фотоволтаици на објекти издадени се над дваесетина дозволи.
– Ние сè уште добиваме барање во системот за градежни дозволи, бидејќи она што беше најавено од Владата и изгласано на седница, сè уште не е донесен измени на законот за градење со кој ќе се поедностави постапката за поставување на фотоволтаични панели на објекти, така што сите индустриски капацитети коишто имаат високи сметки за електрична енергија се обраќаат кај нас во системот и аплицираат. Постапката трае од 15 до 20 дена, доколку е комплетна документацијата. На неделно ниво добиваме минимум по една. Неколку компании поставија. И за јавните установи и приватните лица и фирмите е иста постапката, потребно е да се аплицира во системот е градежни дозволи, изјави Сларидис Јаневска.
Владата кон крајот на август, годинава усвои поедноставни процедури за поставување фотоволтаици на објекти.









