Вести
Во центар за социјални работи се поднесуваат барања за образовен додаток за ученици
Почна приемот на барања за остварување на правото на додаток за образование за учебната 2022/2023 година (за ученици во основно и во средно образование, соопштија денеска од јавната установа меѓуопштински, центар за социјална работа Куманово.
– Ова право се остварува во зависност од материјалната состојба на домаќинството и може да го оствари дете во домаќинство чии вкупни просечни месечни приходи остварени во последните три месеци пред поднесување на барањето и во текот на користењето на правото по сите основи на сите членови во домаќинството се во висина до прагот за пристап на правото на додаток за образование согласно Законот за заштита на децата, информираше директорката Александра Арсовска.
За корисниците на гарантирана минимална помош согласно Законот за социјалната заштита, не се утврдува материјалната состојба на домаќинството. Исплатата на оствареното право на додаток за образование за дете/ца се врши на мајката доколку детето/цата редовно присуствува/аат на најмалку 85 проценти од вкупниот број на реализирани наставни часови во тековната година.
За учениците во основно образование надоместокот изнесува 2.211 денари, додека за учениците во средно образование надоместокот изнесува 3.158 денари кој се исплаќа на квартално ниво или на секои три месеци што вкупно по дете ученик во основно образование изнесува 8.844 денари, додека за дете во средно образование 12.632 денари на годишно ниво.
– За учебната 2021/2022 година ова право преку нашиот центар го оствариле вкупно 3646 деца од кои 2560 ученици во основно образование и 1086 ученици во средно образование, изјави Арсовска.
Барањето за остварување на правото на додаток за образование треба да се поднесат до надлежниот центар за социјална работа, за корисниците од општина Куманово и Старо Нагоричане во просториите на детска заштита, за корисниците од Општина Липково во просториите на службата во Липково. Освен, барањето кое корисниците можат да го добијат на шалтерските служби задолжително се доставува и потврда за редовно школување издадена од училиштето.








