Вести
Покачена цената за сместување во домот за стари лица Зафир Сајто во Куманово
Покачувањето на сметките за струја, гас, храна се главната причина за зголемувањето на цената за сместување во домот за стари лица Зафир Сјто во Куманово. Цената сега е 16 000 денари, а пред да се зголеми била 11 800 денари за лице. Оваа одлука е усвоена и од советот на општина Куманово.
Домот за стари лица „Зафир Сајто“ Куманово ја зголеми цената за месечен престој на старите лица, поради, како наведуваат надлежните од оваа јавна општинска установа, зголемените цени за енергенси, сметки, храна и други потреби.
Цената е зголемена од 11.800 на 16.000 денари. Домот мора да продолжи да функционира и зимава и да обезбеди затоплување на 155-те корисници колку што има во моментов, чија бројка варира до 170. За таа цел, на последната седница на Советот на општината беше изгласана одлука и за зголемување на цените на услугите за 4.200 денари. Директорот Дејан Стојановски вели дека се принудени да ја применат непопуларната мерка за да се спречат загубите во работењето.
-Услугите коишто ги дава установата се од самофинансирачкиот дел, средства коишто ги прибираме за пружање на услуги, така што доколку останевме со истата цена, сериозно и свесно ќе поминавме во загуба. Цената на гасот е неколкукратно зголемена, цената на електричната енергија. Лани за гас за месечна сметка, цената беше 400.000 денари, сега ќе биде милион и двесте до милион до петстотини илјади денари. Затоа беше нужно цената да биде зголемена за да имаме стабилна состојба, изјави Стојановски.
Тој се надева дека овој потег ќе обезбеди стабилност во функционирањето на домот, а очекува и помош од државата, општината. Претходно, појасни направена е детална финансиска анализа за да се премине на овој чекор.
-Се надевам дека министерството ќе најде начин како да им помогне на домовите за стари лица доколку има потреба затоа што ние веќе повлековме потег, покачивме цена, иако тоа е многу неблагодарно во оваа состојба, но сепак мора да мислиме на нашата ликвидност и старите лица кои ќе останат да презимат во овој дом, вели Стојановски.
Во моментов, како што изјави директорот трошоците се сведени на минимум. Установата подготвила и два проекти за реконструкција, а нивната реализација ќе почека подобри времиња.
-Претходните години вложивме исклучително многу во реконструкција во различни блокови. Оваа година немаме предвидено зголемување на капацитетите, од причина што состојбата е многу сериозна. Во 2023 година имаме подготвено проекти за реконструкција, во висина од 13 милиони денари, доколку најдеме партнер во општината, државата, преку пректи, преку амбасада можеме да ги реализитаме за понатамошен напредок, изјави директорот на установата.
Во „Зафир Сајто“ можат да се сместат 170 корисници од Куманово и од другите градови од државата.