Вести
Бранимир Јовановски одликуван со Орден „8 Септември” од претседателот Пендаровски
Истакнатиот стрелец и тренер Бранимир Јовановски е еден од четворицата спортисти во државата, кои претседателот Стево Пендаровски оваа година ги одликуваше со Орден „8 Септември”, по повод Денот на независноста на Македонија. Признанието им е врачено за особен придонес за државата, на свеченост во претседателската вила на Водно.
Бранимир Јовановски, има постигнато извонредни резултати во својата 20-годишна спортска кариера. Тој е првиот македонски параолимпиец кој освоил златен медал на една параолимпијада. Во текот на својата кариера, покрај златниот параолимписки медал кој го освоил во Барселона, освоил дури 50 и други сребрени, златни и бронзени медали на разни европски првенства и на меѓународни натпревари. Значаен е неговиот огромен успех како тренер и како селектор, а избран е и за најдобар тренер на македонската репрезентација во стрелаштво за лица со попреченост. Неговиот придонес за меѓународна афирмација и за угледот на државата е огромен.
Покрај Јовановски, ордени добија и Оливера Наковска-Бикова, за освојување на златен медал на Летните параолимписки игри во Лондон, Шабан Трстена, за освојувањето златен медал во борење на Летните олимписки игри во 1984 година и Дејан Георгиевски, за освојувањето на сребрениот медал на Олимписките игри во Токио .








