Вести
Ако не се подобрат условите за работа на матичните лекари во Македонија за 10 години ќе нема кој да ги лекува пациентите
Матичните лекари од Куманово се приклучија на тридневниот штрајк кој го организира Здружението на матичните лекари на Македонија. Околу 95 проценти на лекарите се приклучија на штрајкот информираше доктор Фатмир Асани, претседател на здружението на матични лекари од Куманово.
Лекарите се на работните места и примаат само итни случаи, но не издаваат упати и рецепти.
– Штрајкот има за цел да го предупредиме министерот за итно покачување на капитацискиот бод на матичните лекари бидејќи само на нас, матичните лекари не е покачена платата. Министерот е арогантен не сака да ги прими нашите групи и да преговараат за да најдеме решение. Десет матични амбуланти во Кумановско работат со приход помал од 60.000 денари, а со тој приход мора да се плати и медицинската сестра, а каде се останатите давачки, реагира Асани и вели дека младите лекари не сакаат да бидат матични и сите си одат од државата.
– Зошто се потребни картони и хартија за пациенти, кога сите податоци ги имаме на компјутер, оваа е непотребно и е дополнително на буџетот на матичните лекари, а го има само во примарна здравствен заштита.Ако не се подобрат условите и не се покачат платите на матичните лекари за десет години во државата нема да има кој да ги лекува пациентите-вели доктор Асани.
Покрај зголемување на капитацискиот бод, приватните лекари бараат и електронско здравство, зголемување на буџетите за специјалисти и лаборатории и за рурални амбуланти и да не се затвораат ординации на лекари кои сакаат да работат и по свои 64 години.
Матичните лекари најавуваат порадикални мерки доколку не им се исполнат барањата, Асани вели дека ќе ги затворат ординациите и дека ќе излезат на протести пред владата.








