Вести
Министерот Спасовски со лична донација од 120 000 денари за децата со воспитно социјални проблеми и нарушено поведение
Со лична донација од 120 000 денари, ваучер за бела техника и апарати, Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски им ја честиташе новата година на децата- штитеници од домот 25 Мај, за згрижување на деца со воспитно социјални проблеми .
Штитеници од малите групни домови при Јавната установа за згрижување деца со воспитно социјални проблеми и нарушено поведение „25 Мај“ – Скопје, денес предновогодишно се дружеа со министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, Оливер Спасовски и Јагода Шахпаска, како и со претставници на Одделот за специјални полициски операции.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, децата имаа можност накусо да се запознаат со работата на единиците за специјални задачи, за брзо распоредување и за обука и поддршка, да поразговараат со полициските службеници како тече еден нивни работен ден и да ручаат заедно со нив во мензата во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“.
Притоа, како што се вели во соопштението, од страна на министерот Спасовски во име на МВР беа донирани два инвертер клима уреди кои ќе бидат монтирани во објектите каде им се најпотребни, а од Одделот за специјални полициски операции, 25 деца присутни во Полицискиот центар добија и новогодишни пакетчиња обезбедени лично од припадниците од трите единици – за специјални задачи, за брзо распоредување и за обука и поддршка.
Министерот Спасовски пак лично им подарил ваучер во вредност од 120.000 на децата од ЈУ „25 Мај“
Љубовта и сочувството се потреба, а не луксуз. Тоа сите го знаеме, но не баш често го поврзуваме со политичарите. А токму тоа денеска на дело го покажа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на традиционалната предновогодишна средба со децата од ЈУ„25 Мај“ во центарот „Ѓорче Петров“. Покрај новогодишните подароци во вид на новогодишни пакетчиња и двата инвертер клима уреди кои ги обезбеди Министерството за внатрешни работи, што како податок беше споделено и во официјалното соопштение од МВР, дознаваме дека децата добиле и ваучер во вредност од 120 000 денари за купување на бела техника, подарок лично од министерот Спасовски.
Според информациите на воспитувачките тој лично им подарил ваучер во вредност од 120.000 од продавница за бела техника со кој ќе можат да ги набават најпотребните електрични уреди и апарати за домаќинство што ќе им го олеснат секојдневното живеење на децата од оваа установа.
– Децата со радост ни ја споделија убавата вест, тие се пресреќни што Дедо Мраз бил толку дарежлив кон нив годинава. Децата ни ветија дека ќе бидат добри ученици, а кога ќе пораснат сакаат да станат полицајци.
Секоја чест за министерот Спасовски и за неговата скромност, која претставува доблест впрочем како и дарежливоста што ја покажа, но факт е и дека споделената добрина раѓа нови добрини. Нека овој хуман гест на Спасовски биде поттик за сите нас следната година да ја направиме поубава, подарежлива и похумана за сите, велат воспитувачките од 25 Мај.
Посакувајќи им добредојде на децата и сите присутни во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“, министерот Спасовски се заблагодари на припадниците на специјалните сили на МВР што и годинава издвоија финансиски средства од сопствениот буџет за да ја продолжат веќе востановената традиција и да ги израдуваат овие деца да ja почувствуваат меѓусебната грижа, да почувствуваат дека секој еден е важен.
– За мене е многу важно што полицијата покажува една хумана акција, хумана димензија. Ако сакаме да градиме сериозна доверба со нашите граѓани, ако сакаме да бидеме блиски со граѓаните, а знаеме дека сме должни да ги почитуваме интересите на граѓаните, тогаш е важно да ја покажеме и хуманата страна на полициските службеници, истакна Спасовски.
Министерот Спасовски потсети дека и оваа година што изминува беше тешка и полна со предизвици што ги донесе пандемијата, бидејќи повторно вниманието на сите беше насочено кон зачувување на здравјето и таа грижа за сопственото и здравјето на најблиските мора да продолжи и во Новата година.
– Ние сме тука да бидеме потпора за секој еден од вас! Кога било што ви притреба во животот, Министерството за внатрешни работи ќе биде тука да подаде рака, да ви даде поддршка, помош да одите напред, да ги остварите своите цели и интереси, им порача министерот на најмладите, честитајќи им ја Новата година.
Сузана Андоновиќ









