Вести
Жикол ќе го гради новиот кружен тек во Куманово
Новиот кружен тек во Куманово, во близина на Митев мост, помеѓу булеварите „Октомвриска револуција“ и „Трета МУБ“ ќе започне да се гради на пролет, а фирмата изведувач ќе биде струмичката градежна компанија „Жикол“- соопштија денес надлежните од Секторот за комунални дејности во општина Куманово. Изградбата на вториот кружен тек во градот ќе чини 35,8 милиони денари или повеќе од 580 илјади евра.
-Тендерската постапка за овој кружен тек е завршена пред повеќе од 9 месеци, чекавме долг временски период на сообраќајна согласност од ресорното министерство, т.е. СВР Куманово, знаете и сами дека овој случај беше политизиран во време на изборите, конечно се надмина и тоа, добивме согласност, фирмата изведувач е „Жикол“ и веќе врши подготвителни работи за имплементација на овој проект. Поради временските услови и бидејќи навлегуваме во зимскиот период на годината каде што согласно законот и одлуката на советот не се дозволени прекопи на јавно прометни површини, освен ако не се работи за итни интервенции и санации на одредени дефекти. Ја одлагаме имплементацијата на овој проект веднаш по завршувањето на зимската сезона во месец март, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово
Димитриевски најави уште еден кружен тек во градот, проект кој што е влезен во програмата на општината за годинава, но се уште се чека согласност од страна на ЕВН. Станува збор за локацијата Серава односно крстосницата помеѓу улиците „Гоце Делчев“, „Бајрам Шабани“ и булеварот „Трета МУБ“.
„На следната седница на Советот ќе ја разгледуваме годишната програма за работа и буџетот за 2022-та година и ќе предложиме дополнителни вакви проекти во делот на решавање на сообраќајот во градот“, рече Димитриевски.
За изградбата на првиот кружен тек на влезот во Куманово општината одвои околу 20 милиони денари.








