Вести

Ивана Ѓорѓиевска нова претседателка на Советот на Општина Куманово

Ивана Ѓорѓиевска нова претседателка на Советот на Општина Куманово

Ивана Ѓорѓиевска од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ е новата претседателка на Советот на Општина Куманово. Таа денес на првата конститутивната седница беше предложена од комисијата за мандатни прашања со четири гласа за и еден против.

Ѓорѓиевска ја доби поддршката од ВМРО-ДПМНЕ, а Елена Доцевска Божиновска рече дека ќе ја поддржуваат сè додека функцијата ја извршува чесно и транспарентно.

– Ивана Ѓорѓиевска ќе ја има целата наша поддршка додека функцијата ја извршува чесно и транспарентно, согласно законската регулатива, статутот и деловникот на Советот. Додека има слух за унапредување на работата на советот како од аспект на неговото отворање и доближување кон сограѓаните, така и од аспект на донесување на одлуките. Ивана Ѓорѓиевска ќе ја има нашата поддршка додека посветено работи на отстранување на сите аномалии и воспоставени лоши пракси во минатото за да можеме како нов состав по четири години да застанеме најсовесно пред граѓаните и да кажеме дека сме ја оправдале довербата што ни ја дале, рече Доцевска – Божиновска.

Против предлогот Ивана Ѓорѓиевска да биде нов претседател на Советот беше коалицијата на СДСМ. Претходната претседателка на советот, Атина Мургашанска, смета дека како добитници на најголем број гласови за советнички места тие треба да раководат со советот.

– Сметаме дека како советничка листа и сега избрани советници кои освоија најмногу гласови на последните избори и се победничка советничка група сметаме дека го заслужуваме и да го оправдаме легитимитетот и следејќи ја определбата на гласачите дека ја додадоа поддршка на СДСМ дека и во тој дух требаше да оди конституирање на советот, доколку сите застанаа на своите ставови и идеологии со кои настапија пред гласачите, тогаш ќе беше поразличен изборот, рече Мургашанска.

Како што рече таа, со оваа поддршка од ВМРО-ДПМНЕ не се следеле идеолошките определби и барања за подобар живот на граѓаните туку личен интерес.

– Ќе биде забележано во историјата на локалното владеење дека за прв пат ќе биде избран претседател наводен социјалдемократ кој цело време во кампањата заедно со своите колеги наводни социјалдемократи ги доведоа во заблуда гласачите и граѓаните дека ги застапуваат интересите на социјалдемократијата, а сега се симнаа маските, рече таа.

Сепак, мнозинството во Советот предводено од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“, ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за албанците и Алтернатива донесе одлука Ивана Ѓоѓриевска да го предводи советот на најголемата општина.

– Ќе се залагам за секаква иницијатива на советниците, граѓанските иницијативи, сите чинители на општествениот живот да најдат место на дневните редови на новите комисии и новиот состав на Советот. На тој начин ние советниците ќе го оправдаме секој добиен глас и ќе покажеме дека сме со граѓаните не само во предизборната трка, туку дека сме нивни претставници. Коалицијата треба да даде решавање на локалните проблеми, со тоа ќе покажеме дека партиските обележја во овој совет се помалку важни и ова ќе биде сервис на граѓаните, рече Ѓорѓиевска.

– Вистински се радувам на ентузијазмот со кој влегуваат советници без искуство. Ќе ни треба време да го научиме Законот за локална самоуправа, деловникот и статусот на Советот на општината, но намерата ќе биде посветено да работат во работата на Советот. Верувам во заедништвото, а е не во тесно партиските интереси, додаде таа.

Radio Bum

November 23rd, 2021

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *