Вести
Почнува изборната кампања за Локалните избори 2021
Изборната кампања за Локалите избори 2021 закажани за 17 октомври ќе почне денеска и ќе трае 20 дена пред денот на изборите. Кампањата завршува на 15 октомври на полноќ.
Вториот круг избори ќе се одржат на 31 октомври, а кампањата за втор круг ќе трае до 24 часот на 29 октомври. ДИК, претходно, потврди 303 листи за градоначалници и 567 за советници. Распоредот на кандидатите на гласачкото ливче со жрепка беше утврден на седница на ДИК, а поради актуелната ситуација со ковид-19, не беа присутни претставниците од политичките партии, коалициите и групите избирачи.
Избирачкиот список беше заклучен на седница на Државната изборна комисија (ДИК) во петокот согласно роковникот. Најдоцна на 1 октомври односно 15 дена пред денот на одржувањето на изборите, ДИК треба да го потпише заклучениот Избирачки список и изводите од него. Од вкупниот број гласачи, во изводите на Избирачкиот список се запишани 1.740.147. Во Посебните извори од Избирачкиот список се запишани 82.461 лица, кои се на привремена работа или престој во странство, согласно евиденцијата на надлежниот орган, 1.899 гласачи кои на денот на изборите се на издржување казна затвор или се во притвор: 351 лице во установи за вонсемејно сместување и шест гласачи кои, согласно евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика, се запишани како раселени лица.
На локалните избори за првпат ќе бидат применети терминали за читање отпечатоци од прсти на гласачите за да се утврди нивниот идентитет и за да се избегнат евентуални неправилности при гласањето. Како и за парламентарните избори 2020, и годинава изборите ќе се одржат со спроведување мерки за заштита од ковид-19 и ќе бидат формирани посебни изборни комисии за лицата кои ќе искажат интерес за гласање, а на денот на изборите ќе бидат во изолација или позитивни на коронавирусот.
Сузана Андоновиќ








