Вести

Двојната дискриминација на жената Ромка-предизвик за општеството

Двојната дискриминација на жената Ромка-предизвик за општеството

Жените Ромки трпат дискриминација и во семејството и заедницата

Жените Ромки двојно се дискриминирани и според нивниот пол и нивната етничка припадност, покажуваат истражувањата на невладините организации од државата. Често се случува жената Ромка да биде дискриминирана и во самото семејство како жена која сè уште живее во традиционално семејство каде остро се поделени улогите на маж и жена, а неретко трпи и дискриминација во општеството, покажуваат податоците на невладините организации. Сиромаштијата дополнително го отежнува животот на жените и девојчињата од ромската етничка заедница и го оневозможува остварувањето на основните човекови права, како право на образование, на здравство.
Примерите од невладините организации кои со години работат на оваа проблематика укажуваат дека и во 21 век сè уште е присутна двојната дискриминација на жените Ромки. Малтретирани во семејството, сиромашни без можност да остварат основни човекови права, жените Ромки сè уште се најранливата категорија која трпи дискриминација, се соочува со стереотипи и предрасуди. Оние кои успеваат да се оттргнат од канџите на насилните сопружници, често работат како хигиеничарки, остваруваат минмални приходи и најчесто работат без регулиран правен статус, односно во неформалната „сива“ економија.

Ограничен пристап до здравствена заштита
Националниот ромски центар (НРЦ) со години работи на проблематиката на остварување на правата за жените Ромки, пред сè на правото на здравствена заштита. Себихана Скендеровска од НРЦ појаснува дека Ромките најчесто се соочуваат со повеќестепена дискриминација по основ на тоа што се жени во рамки на семејството и заедницата во којашто живеат, што се најчесто невработени и живеат во сиромаштија, како и поради тоа што се од ромската националност припадност.

Од НРЦ споделија приказни од фокус групите со жени Ромки. Во нив, жените се жалат на отворена, но и прикриена дискриминација и предрасуди.
Жена од Крива Паланка, учесничка на фокус група вели: „Ромките кога одат на преглед секогаш се потценувани. Последни влегуваме, бидејќи сме Ромки и сиромашни (не сме облечени убаво), секогаш другите ги прима пред нас, понекогаш чекаме ред од утро до вечер.“ Друга учесничка од Битола при посета на матичен гинеколог изјавила: „Гледа побргу да излеземе, за да влезе друга жена. Ако има побогата таа оди прва па после јас, бидејќи немам пари и сум црна.“ Учесничка од Штип сподели искуство за барање на работа: „Одев по конфекциските фирми пред два-ти месеци месеци, те гледаат како си облечена, како се однесуваш упорно ти кажуваат дека си „циганка“ затоа не те примаат“ -стои во извештаите на НРЦ.
Организацијата бележи и интерсекциска дискриминација на жена Ромка без регулиран престој во државата, државјанка на Србија, невработена, здравствено неосигурана, бремена жена која засновала заедница со кумановец. Тие живееле во нелегализиран објект и сакале да се венчаат, мислејќи дека на тој начин таа ќе се стекне со државјанство.
– Со помош на НРЦ се работеше на прибирање на дел од документацијата и изнаоѓање начини како да ѝ се помогне на Х. Х и нејзиното семејство. НРЦ им помогна да поднесат барање за легализација како предуслов во обезбедување на документација што ја поднесоа за регулирање на престој. Помогнавме за оставрување права од социјална заштита. Во меѓувреме Х. Х се породи во кумановската болница без средства, семејството требаше приватно да го покрие породувањето, бидејќи нема здравствено осигурување. НРЦ ѝпомогна и испрати допис до кумановска болница, посочувајќи одредби од владина мерка во тој момент на сила според која породување на жени Ромки здравствено неосигурани и без лична документација не се наплаќа како здравствена услуга-додаваат од НРЦ.
Дискриминацијата-најизразена во сиромашните семејства
Девојчињата од оваа етничка заедница сè уште се дискриминирани во рамки на нивните семејства при остварување на право на образование. Најсиромашните не можат да си дозволат да ги пуштат децата на училиште. Иако, формално образованието е бесплатно има прикриени трошоци кои не можат да си ги дозволат сиромашните ромски семејства.
Претседателката на ромската организација на жени од Куманово, „Даја“, Дилбера Камберовска вели дека повеќе од две и пол децении се обидуваат да го подобрат статусот на жената Ромка. Сепак, појаснува дека во некои средини, особено помеѓу најсиромашните, сè уште владее дискриминација на жената Ромка која е усвоена како прифатлива за традиционалните ромски семејства.

– Радува фактот дека сè поголем број на девојчиња кои се запишуваат на факултет се стекнуваат со високо образование и креираат можности да станат економски независни. Но, мора да признам дека во посиромашните семејства сè уште имаме девојчиња кои се без пристап до образование поради немање основни можности и со тоа стануваат дискриминирани во самото семејство. Првин таткото е оној кој одлучува за неа, а потоа и мажот. Сè уште имаме малолетнички бракови, сè уште таткото одлучува дали девојчето ќе продолжи со образование или ќе се мажиi-изјави Камберовска.
Вакви случаи забележуваат и од Македонското здружение на млади правници. Оттаму регистрираат дури и случаи на дискриминација кон Ромите како што е посета на угостителски објекти.

– Лицата од ромска националност најчесто се почувствувале дискриминирани во областа на пристап до добра и услуги (одбивање на послужување во угостителски објекти) и напуштање на границите на државата (расно профилирање на границите), но има случаи кога Ромите се чувствуваат дискриминирано и во областа на работните односи – вели Бојан Трпевски, правник во Македонско здружение на млади правници.
Припадниците на оваа маргинализирана група дискриминацијата ја разбираат како нееднаков третман, но не ги препознаваат нејзините форми и облици, дотолку што одредени практики и поведенија иако претставуваат дискриминаторски однесувања, се длабоко вкоренети во секојдневието. Затоа и бројот на пријавени случаи не соодветствува со реалната слика на терен.
– Регистриравме случај на жена Ромка, која поради стереотипите на заедницата била условена да ја напушти работата за да може целосно да се посвети на домашните обврски. Жената поради притисокот кој го преживувала поради фактот што не сакала да го напушти нејзиното работно место, одлучила да ја напушти вонбрачната заедница. Несомнено е дека жената Ромка освен што е подложна на дискриминација од страна на општеството поради специфичната положба и посебните карактеристики кои ги поседува како припадничка на маргинализирана група што ја прави подложна на дискриминација, туку мора да се избори и со стереотипите на заедницата на која припаѓа во однос на својата положба и предрасудите.-вели Христина Здравеска, правник во Здружението СТАНИЦА П.Е.Т. Прилеп.

Бесплатна помош од граѓанските организации
Граѓанските организации нудат бесплатна правна помош и поддршка за остварување на правата, како и Народниот правобранител. Од канцеларијата на заменикот – народен правобранител од Куманово не регистрираат поднесени претставки од жени Ромки.

-Канцеларијата на Народниот правобранител во изминатите години нема примено претставки од жени припаднички на ромската етничка заедница по основ на дискриминацијата од кој било облик. Жените Ромки воопшто во мал број се јавуваат кај Народниот правобранител, а воглавно претставките од етничките Роми се однесуваат на извршни предмети и предмети од казнено поправните установи- информираат од канцеларијата на заменикот – народен правобранител.
Иако,Уставот гарантира и декаларативно институциите и системот се залагаат за еднакви права, сепак потребна е суштинско, а не декларативно залагање на институциите, системот, државата и локалните власти за да се подобри состојбата на жената Ромка во државата.
Оваа сторија е објавена во рамките на регионалната програма “Имплементирање на норми, менување на ставови,” финансирана од Европската Унија и имплементирана од UN Women“

Radio Bum

July 6th, 2021

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *