Вести
Не фукнционира платформата за онлајн настава. Родителите реагираат – од Мон велат платформата се тестира.
Викендов учениците ги добија личните профили и лозинките за приклучување на онлајн-платформата.
Бурни реакции се шират на социјалните мрежи дека не функционира националната платформа за онлајн-настава.
Родители реагираат дека не можат да се вклучат, наставници дека им е одбиен пристапот. Министерството за образование и наука испрати соопштение до медиумите и ги информира граѓаните дека во тек се тестирањата, односно фазата кога се детектираат и надминуваат сите предизвици.
Од МОН информираат дека течат тестирањата на националната платформа преку која ќе се одвива наставата од далечина од 1 октомври.
– Тестирањето е дел од постапката за да се постигне целосна функционалност на платформата, и во тест-фазата се детектираат и надминуваат сите предизвици. За да обезбедиме целосно функционална платформа до почетокот на учебната година, тестирањата продолжуваат и во наредните денови. Во моментов се прават сите подготовки, тестирања и оптимизации на платформата – велат од МОН.
Унифицираната национална платформа за онлајн-настава со двонасочна комуникација во сите училишта во Македонија ја подготвува Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Активната работа почна кон крајот на август. Упатените велат дека не е мал предизвик да се направи платформа која ќе поддржува 300.000 корисници во ист момент, но не е невозможно.
Веб страницата на Единствената национална платформа за онлајн-учење e достапна за корисниците преку адресата www.schools.mk.








