Вести

Здраствената услуга во јавното здравство на незадоволително ниво, сметаат граѓаните

Здраствената услуга во јавното здравство на незадоволително ниво, сметаат граѓаните

Граѓаните на Куманово сметаат дека услугите во јавното здравство  се на незадоволително ниво, според истражувањето 40 % од граѓаните,  работата на јавното здравство ја оценуваат со незадоволителен  1 , а 39 % се делумно задоволни.

Недостиг на стручен кадар, трансфузиологија без лекар , недостиг на анестезиолози, инфектолози, специјалист по физикална медицина ,  ренген дијагностика, лабораториска служба . Стара и дотраена апаратура, руинирани објекти со субстандардни услови се само дел од жалбите на незадоволните пациенти.

“Знам дека постои големо нездоволство кај граѓаните, не само во Куманово,  ситуацијата е иста во цела Македонија, потврдува Снежана Захариева , директор на Општата Болница Куманово. Луѓето шетаат од врата до врата да ја добијат соодветната  здравствена услуга,- вели Захариева и додава  дека многу работи треба да се менуваат , а вината според директорката на кумановската болница е во лошо концепираниот здравствен систем во Македонија.

zaharieva bolnica1

“Јас работам 29 години како лекар и можам да направам една компарација на каков начин се пружаат здравствените услуги некогаш и сега. Ако сега имаме пософистицирана апаратура, добро едуцирани лекари и пак имаме се поголем број на незадоволни пациенти , тоа значи дека самиот модел на македонското здравство треба да се смени- вели Захариева.

Според неа законот за здравството е стар, кој претрпел многу измени , сега е потребен нов закон кој ќе биде како изградба на куќа од темел кон кровот, а не како сега што се одвиваат работите во спротивна насока. Главниот акцент се стави на секундарното и терцијалното здравство , а се прескокнува превентивата и прмарното здравство.

“Многу бирократски процедури, многу упати , многу чекања од врата до врата за да пациентот дојде до потребната здравствена услуга.  А што е најлошо во моментот се соочуваме со се поголем одлив на стручни кадри, а квалитетот на здравствената услуга зависи во најголема мерка од бројот на стручни лица кои треба да ја пружаат таа помош. Ако ние имаме зголемен број на пациенти , а намален број на лекари медицински сестри и медицински персонал не може да очекуваме зголемен квалитет на здравствените услуги и ќе имаме се повеќе незадоволни пациенти” – вели  Захариева.

Одливот на кадри е пред се поради лошата економска ситуација , младите луѓе си бараат парче леб во развиените западно-европски држави каде дипломата  им вреди многу повеќе отколку во Македонија, а ние секојдневно сме соочени со проблемот како  да организираме 24 часовна здравствена заштита во Куманово, град кој пружа здравствена заштита на цел североисточен регион со над 200 000 граѓани, а со 73 лекари колку што сега во моментот има во Општа Болница во Куманово, а лекарите кои одат на спецјализација се решаваат да ја напуштат болницата, вели директорката Захариева. За да функционира болницата нормално потребни се уште 50 доктори.

Bolnica 22

Заменик министер за здравство Гоце Чакаровски , вели дека проблемот со недостиг на лекари и медицински сестри како и медицински персонал е глобален проблем за целата држава, а во најдобра положба во моментот е само Скопје, каде има доволен број на здравствени работници. Тој се надева дека има околу 400 невработени лекари во Македонија.

„ Најтешко е да се направат спецјалисти бидејќи младите си заминуваат во странство. Треба да ги спречиме младите да заминат да им дадеме работа и да ги испратиме на спецјализација„-  вели Чакаровски.

 

За да им понудат  на лекарите  да останат во матичните здравствени установи и да бидат задоволни како од личниот доход така и од условите за работа ,  директорката на кумановската болница, Снежана Захариева вели дека треба да имаат  добра соработка со Министерството за Здравство и фондот за здравство кои треба да обезбедат финансиски средства за да можат непречено да функционираат.

“Еден од најважните услови е зголемувањето на платите на здравствените работници , бидејќи ако правиме компарација дека во приватните здравствени установи , болниците, ќе ве дочекаат со насмеано лице што значи дека ги има во доволен број и се добро платени, а истото ќе биде и тука бидејќи најдобрата стимулација за работа е адекватна парична награда .  Потребни се и адекватни услови за работа бидејќи во дел од кумановската болница работиме во супстандардни услови, таков оддел  е физикалната терапија.

Стар објект,  руиниран , небезбеден ниту за вработените ниту за пациентите. Со години се сигнализирало за овој проблем но за жал немало разбирање од министерството за здравство.

Директорката вели дека желба да се издигне на повисоко ниво здравствената услуга ја има кај вработените но помошта е неопходна од Министерството за здравство и Фонд за здравство.

Болницата со свои средства во изминатите 4 месеци обезбедила десет нови апарати за физикална терапија, инвестиција од 1,5 милиони денари со кои пациентите ќе ја добијат потребната електротерапија на еден апарат. Апаратите веќе се ставени во функција, така што пациентите нема да имаат потреба да одат од една во друга просторија на одделението за физикална терапија.

– Не е голема инвестиција, но сепак е многу значајна за пациентите. Ако претходно истата терапија ја добивале на четири до пет апарати и затоа морале да одат од просторија во просторија, сега истата терaпија ќе ја добиваат на еден апарат, со што побрзо ја добиваат потребната терапија, изјави директорката на болницата, Снежана Зaхариева.

Бенефит од новата опрема ќе почуствуваат и пациентите и вработените на одделението за физикална терапија. Стручните лекари објаснуваат дека апаратите се мултифункционални, во нив се опфатени сите струи кои се употребуваат во физикалната медицина, галванска, дијадинамски струи, електростимулација, електрофореза, интерферентни струи.

– Преку овие апарати добиваме и тенс, така што нема да има потреба да набавуваме тенс апарати, тие средства ќе се пренаменат за ултразвучни апарати со кои комплетно ќе се заокружат сите процедури. Со едно влегување во просторијата се завршуваат елктротерапиите од 20 до 60 минути, во зависност од процедурите, изјави началникот на одделението Славчо Филиповски, специјалист по физикална терапија.

Захариева, информираше дека со сопствени средства во висина од два милиони денари обезбеден е апарат, потребен за операција на катаракта со што пациентите од регионот нема да имаат потреба да одат во Скопје за оваа процедура. За набавената апаратура, додава, обезбедено е и сервисирање со што се постигнува безбедност, а воедно се отвара и опцијата за организирaње термини за терапија, покрај терминот за преглед.

Се прават напори со лични средства да се обезбеди нова апаратура, но постоечката откажува.

Мамографот во општата болница Куманово не функционира поради дотраеност и дефект, информираат надлежните од болницата.

Пациентките од градот и соседните општини од североисточниот регион се упатуваат на скопските клиники. Мамографот во кумановската болница се користи 21 година, а вработените од Кумановската болница информираат дека надлежните институции се запознаени со проблемот и дека ќе се преземаат мерки за набавка на дигитален мамомат.

-Мамографот престана да работи поради дотраеноста и се појави траен дефект. По последните мерења се покажа дека апаратот е неисправен и мореше да се стави вон функција, истакна доктор Славица Јакимовска, специјалист по радиодијагностика.

Апаратот е донација од невладина организација, а започнал да се во користи 1996 година. Со мамографот во болницата, поради дотраеноста, дневно се прегледувале најмногу до шест пациентки од шестте општини од североисточниот регион.

Директорката на кумановската општа болница Снежана Захариева,  вели дека веднаш по нејзиното назначување, болницата упатила барање и до Министерството за здравство и до Владата.

Информира дека во измените на годишниот развоен план за 2018 година, приоритет е ставен на набавка на апаратура за повеќе оддели, но оти набавката на мамоматот е на прво место.

– Многу помали здравствени установи добивале нова апаратура, а Куманово е оставено настрана, иако нашата услуга ја користат околу 200.000 пациенти. Се надеваме на помош и од Министерството и од Владата, бидејќи граѓаните на Куманово ги имаат истите права како и останатите од Македонија, истакна Захариева.

Според податоците на болницата, најмладата пациентка на која и е дијагностицирано рак на дојка е 22 годишна девојка, а највозрасната  е 90 годишна пациентка.

 

Прилогот е изработен за потребите на институтот за економско истражување и политики „ Finance Think”,  Скопје.

Новинар , Сузана Андоновиќ, радио Бум Куманово

 

 

Radio Bum

February 26th, 2018

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *