Вести
Стоиљковиќ лаже велат од МВР, никој не заплашува активисти на терен
По обвинувањата на социјалните мрежи од страна на Иван Стоиљковиќ , претседател на ДПСМ дека припадници на МВР во општина Старо Нагоричане ги заплашуваат членовите на младинската организација на ДПСМ во Старо Нагоричане , од МВР информираат дека никој од полицијата не заплашува никој.
Стоиљковиќ вели дека неидентификувани полициски службеници ги заплашуваат членовите на ДПСМ на младинска организација да не агитираат на терен, на што од МВР ги отфрлаат овие обвинувања.
„ По направените проверки на Министерството за внатрешни работи, во делот на надлежност на СВР Куманово, како и во доменот на надлежност на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, МВР е должно да ја информира јавноста дека вчерашните наводи на Иван Стоиљковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија, околу “малтретирање“ и “закани“ упатени на активист на оваа партија од страна на полициски службеници во Старо Нагоричане, кумановско, се целосно неточни.
МВР одбива да ги коментира политичките и други квалификативи и етикетирања што ги изнесе Стоиљковиќ, во име на интегритетот на институцијата којашто им припаѓа на сите граѓани на Република Македонија, но и во име на интегритетот и човечкото достоинство на сите вработени во Министерството.
По однос на предметниот случај, по направените опсежни проверки, МВР ја информира јавноста за следново: во рамки на оперативна акција (која се разбира нема врска со Стоиљковиќ и неговата партија, туку со случај од областа на општиот кримнал) на поширок реон во кој влегува и делот од Старо Нагоричане, полициски службеници во рамки на своите работни и законски обврски забележале и се обиделе да запрат возило ( за кое подоцна е утврдено дека го управувал активист на партијата на Стоиљковиќ), заради проверка на лицето и возилото, и по вториот обид по употреба на ротационен сигнал возилото застанало. Откако е направена контрола на возилото и возачот, возилото е пропуштено, а полициските службеници продолжиле со своите оперативни активности во рамки на зададената задача.
Министерството за внатрешни работи во оваа прилика апелира, во интерес на општата сигурност на граѓаните, до политичките партии и нивните активисти да не ја злоупотребуваат полицијата и вработените во полицијата во нивните партиски и јавни настапи и да се воздржуваат од секакви форми на дисквалификации на институцијата. МВР уште еднаш повторува дека е цврсто решено во име на законите и Уставот на Република Македонија, согласно своите законски надлежности и обврски, да овозможи мирен, фер и демократски тек на претстојниот изборен процес„ – се вели во информацијата од МВР.








