Вести

Голем интерес кај кумановци за мерките за вработување

Голем интерес кај кумановци за мерките за вработување

 

 Граѓаните на Куманово се повеќе се заинтересирани за тековните јавни огласи од ревидираниот оперативен план за активни мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2017 година, информираа денеска надлежните од кумановскиот Центар за вработување.
Во моментов, во Центарот за вработување, активни се три огласи, од кои два се однесуваат на млади невработени лица до 29 години, а со третиот јавен оглас се опфатени 45 невработени лица без оглед на возраста.
Првиот оглас се однесува на мерката старт ап бизниси за млади, како дел од програмата за развој на претприемништво.
– Целта на оваа програма е да се охрабрат и поддржат младите невработени лица до 29 години, да основаат сопствен бизнис или да го формализираат веќе постоечкиот во секторите информациска комуникациска технологија, прехранбена индустрија, органско земјоделство, туризам, социјални услуги во домашни услови, изјави вд раководителот на Центарот за вработување, Марија Димитријевска.
Кандидатите кои што ќе бидат селектирани за учество и ќе ја поминат обуката ќе им биде одобрен грант, неповратни средства за набавка на опрема или репроматеријали во висина од 307.500 денари, како и техничка и советодавна поддршка во износ од 137.940 денари.
Овозможено е и основање партнерска фирма од две лица кои што ќе бидат корисници на програмата при што на секој од содружниците ќе им биде одобрен грант во висина од 307.500 денари што значи на ниво на фирмата ќе бидат одобрени вкупно 615.000 денари.
– Вториот оглас што е во тек, објавен на 21 септември, со кој се планира да се опфатат 250 млади невработени лица до 29 години е поддршка на раст на микро, мал, средни претпријатија за отворање на нови работни места. Целта на оваа програма е да се поддржат, промовираат и да се прошират веќе постоечките бизниси со отворање нови работни места за млади лица до 27 години. Тука се предвидува грант неповратни средства во висина од 153.750 денари за секое младо невработено лице кое што ќе биде вработено во фирмата. Програмата предвидува вработување до пет лица со што вкупниот грант би изнесувал 768.750 денари, рече Димитријевска.
 
Третиот јавен оглас за мерката која што е во тек се однесува на финансиска поддршка на раст на микро, мали и средни претпријатија, како и социјални претпријатија. Огласот е објавен на 23 септември, и со него се предвидува да бидат опфатени 45 лица невработени регистрирани во АВРМ без оглед на нивната возраст.
Целта на оваа програма е да се намали невработеноста преку поттикнување на деловниот раст на фирмите. Предвидени се неповратни средства грант во висина од 205.000 до 615.000 денари во зависност од бројот на невработените лица кои што ќе бидат вработени во фирмата.

Radio Bum

September 27th, 2017

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *