Вести
Невработените да аплицираат за грант за самовработување
Бројот на невработени лица во Општина Куманово е 18.951 од кои 9.830 се активни баратели на работа.
За намалување на бројот на невработените раководителот на агенцијата за вработување Милорад Тренчевски ги повика сите невработени кои имаат идеја за бизнис да аплицираат на конкурсот за самовработување каде оваа година лимитот на средствата е зголемен од три на четири илјади евра.
Право на учество имаат сите невработени лица, а конкурсот ќе биде отворен до 10 март.
Според Тренчевски во 2016 година со оваа мерка биле основани 106 микропретпријатија кои работат успешно.
“Во наредниот период ќе бидат активирани и другите огласи што се дел од оперативниот план, а тоа се обуки со субвенционирано вработување, обука кај познат работодавач, дефицитарни занимања, напредни ИТ вештини, јазици, а активна е и мерката доделување на грант за отворање на приватни старски домови, детски градинки што ќе бидат субвенционирани по 10.000 евра од државата”-рече Тренчевски.
Паралелно со оперативниот план во агенцијата за вработување е инсталиран и регионален офицер од ИПА програмата, финансирана од Европска унија кој е ангажиран за Куманово, Кратово, Крива Паланка, Пробиштип и Свети Николе.








