Вести
Донација за ученичкиот дом во Драгоманце и за ученици од Основно училиште Христијан Тодоровски Карпош во Драгоманце
Донација за ученичкиот дом Христијан Тодоровски Карпош, во село Драгоманце, денес беше донесена од страна на едно приватно училиште, невладина организација и приватна фирма од Куманово за децата кои се сместени во ученичкиот дом, а за ученици кои изведуваат настава во Основното училиште Христијан Тодоровски Карпош во село Драгоманце и се од социјално ранливи семејства им беше доделен училишен прибор и ранци.

Во училиштето настава од прво до деветто одделение настава изведуваат 67 ученици, а во интернатот престојуваат 10 деца, информираше Бојана Арсовска Јовановиќ, директорка на Основно училиште Христијан Тодоровски Карпош.
Директорката на училиштето се заблагодари на донацијата на донаторите, кои обезбедија мебел, машина за сушење на алишта и варосување на интернатот.

- Иницијативата за донација во интернатот дојде од ученик од Куманово, кој не спои со невладината организација ,, Да шириме љубов,, . Нашето училиште секоја година собира средства и како општествено одговорна компанија се обидуваме да ги научиме децата дека треба да се помогне и на други деца. Годинава средствата одлучивме да ги дадеме на ученичкиот дом во село Драгоманце, изјави Наташа Булеска од здружението на родители и наставници од приватното меѓународно училиште.
Иван Крстевски, сопственик на приватна компанија во Куманово на учениците од Христијан Тодоровски Карпош им обезбеди екскурзија во Охрид.
- Со сопругата сакавме да дадеме донација и одлучивме да им обезбедиме една екскурзија за сите деца кои учат во оваа училиште, изјави Крстевски.
-Благодарение на ученикот Матеј Илиевски кој настава изведува во приватно училиште во Скопје кој не предложил, остваривме соработка со донаторот и ја реализиравме оваа донација. Обезбедивме и ранци и училишен прибор за дечиња кои се социјално ранливи и ќе продолжиме со донациите во нашите можности изјави Маре Бојковска од невладината организација ,, Да шириме љубов,,.

Сузана Андоновиќ








