Вести

Насилникот не може да се препознае, потребна суштинска поддршка за жртвите

Насилникот не може да се препознае, потребна суштинска поддршка за жртвите



Физичко, емоционално, насилство преку социјални мрежи, доживуваат кумановки, а потврдуваат институциите и граѓанските организации. Насилникот не може лесно да се препознае велат надлежните, но сепак има одредено однесување кое го повторуваат. Важно е институциите суштински да го санкционираат насилството.



– Не постои опис на насилник, но постојат однесувања кои се карактеристични. Жртвата треба да знае дека насилството има повторлив образец и народната мудрост „еднаш крената рака, ќе се крене и втор пат“ во најголем број на случаи се потврдува-вели, Драгица Стаменковиќ, лиценциран психолог, семеен и системски советник.

СВР Куманово, лани регистрирал 343 пријави за семејно насилство, што е намалување во однос на 2019 кога имало 395 случаи. Минатата година до обвинителството биле поднесени 79 кривични пријави, а 2019-тата 90.

– Најчесто е физичко насилство на брачниот другар или интимниот партнер, кој е во алкохолизирана состојба, а како жртви се јавуваат жени и стари лица, индиректно инволвирани се и децата-велат од СВР Куманово.
Насилниците се многу раздразливи и немаат контрола на импулсот, појаснува Сања Јовановска, лиценциран психолог, семеен и системски советник од Центарот за социјални работи Куманово.

– Многупати бесот, гневот, фрустрација што ја носат однадвор и ја растоваруваат дома. Кај нив отсуствува емпатијата и самоконтролата. Насилникот може да се карактеризира и со емоционална неписменост. Емпатијата отсуствува кај нив, вниманието го насочуваат кон партнерот што води кон нездрава врска. Во таквите односи се јавува и потребата за контрола при што развиваат екстремна и нездрава љубомора. Тие се и манипулативни луѓе-вели Јовановска.
И Центарот за социјални работи Куманово, лани регистрирал 72 жени жртви на семејно и три деца, што пак е зголемување во однос на 2019-та кога имало 61 жена и две деца жртви на семејно насилство. Како насилство врз девојчиња биле пријавени 12 случаи, едно од нив е жртва на интернет, останатите жртви на сексуална злоупотреба и емоционална злоупотреба. Во 2019 година имало девет девојчиња кои биле изложени на насилство од емоционална, физичка, сексуална злоупотреба.

– Доколку е потребна безбедност жртвата се сместува во прифатен центар за лица жртви на семејно насилство, каде добиваат поддршка, поднесуваме предлог за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство до Основен Суд Куманово, за забрана малтретирање, вознемирување, заканување, задолжително лекување доколку злоупотребува алкохол, забрана за приближување- изјави социјалниот работник од Центарот за социјални работи, Елизабета Ангеловска.
Во однос на малолетниците постапуваат веднаш без согласност, се води сметка за заштита од виктимизација, се работи мултисекторски и се следи процесот за ресоцијализација.
Три жени жртви на семејно насилство, лани побарале помош од Македонското здружение на млади правници. Шест деца биле сведоци на насилството. Во првиот случај, жената била жртва на телесна повреда при вршење на семејно насилство, но и покрај обидите на здружението, таа одлучила да продолжи да живее во таа средина. Сведоци на тој настан биле и три малолетни деца. Уште една жена и мајка на три малолетни деца, жртва на физичко насилството не прифатила помош, иако ѝ била понудена. Таа го пријавувала насилникот во полиција, но ги повлекува пријавите поради економската зависност.

– Втората жена е жртва на тешка телесна повреда при вршење на семејно насилство. Жртвата ја прифати помошта и поради непостапување на полициските службеници за семејно насилство што се случува години наназад, жртвата се охрабри и се одлучи да ја води постапката докрај. Поднесена е кривична пријава, извршен е распит на жртвата во ОЈО. Постапката зависи од тоа дали ОЈО ќе донесе одлука за кривично гонење на сторителот или не-вели Весна Дишлијовска од здружението
Од здружението појаснуваат дека доколку обвинителството одлучи кривично да го гони, доставува обвинителен предлог кој го доставува до надлежниот суд. Постапката продолжува пред основен (кривичен) суд. Доколку сторителот не е претходно осудуван за кривични дела, најчесто казната е алтернативна мерка-условна осуда со одредено време на траење. Времето на траење е фактички период во кој сторителот не смее да стори ново кривично дело. Најчесто е година/две/три во зависност од околностите на случајот. Доколку во меѓувреме, насилникот го повтори семејното насилство и е огласен за виновен, алтернативната мерка-условна осуда ќе се отповика и ќе се замени со ефективна казна затвор.
Во случајот „Јавна соба“ имаше стотици жени жртви, но не сите побарале поддршка. Од Коалиција „Маргини“ информираат дека застапуваат два случаи со пријава до обвинителството, за десетина даваат совети. Извршната директорка на „Маргини“, Ирена Цветковиќ, вели дека однапред не може да се препознае насилникот, но насилството може да се превенира, а клучна е санкцијата. Ако државата не ги санкционира насилниците, тогаш ги мотивира другите да продолжат со насилството. Важно е да се расветлат случаите, да се истера правдата докрај, но за тоа вели Цветковиќ потребна е волја која додава е задоцнета за конкретниот случај, но со надева дека со притисок на јавноста ќе се изгради.

-Случајот е пред повеќе од една година и полицијата и обвинителството дури сега прават чекори, приведување на четворица е далеку од решавање на случај. Дали требаше жртвите самостојно да излезат за да се свести обвинителството и полицијата, тоа е многу лош знак. Ако треба една жртва да излезе да се трауматизира одново да ја изложи најголемата траума на судот и очите на јавноста за да нешто почне да мрда, тоа значи дека имаме заспан систем, кој не нè штити-вели Цветковиќ.
Потребно е да се сензибилизираат припадниците на полицијата за овие случаи, но контролата на независно тело е суштинска, сметаат невладините.
– Полицијата била обучувани и тренирана илјадници пати на оваа тема, еден куп организации, комисии и тела вложувале во капацитетите на полицијата. Важно е да имаме и систем на санкционирање на вакво однесување од страна на полицијата, граѓанското општество повеќе од десет години зборува за независна контрола на полицијата, затоа што на тој начин контролата ќе биде посуштинска и поефикасна-вели Цветковиќ.
Новина во Законот за бесплатна правна помош е доколку жртвите се евидентирани во регистарот на жртви во надлежниот ЦСР, во тој случај, подрачното одделение на Министерство за правда, носи потврда со која барањето за секундарна правна помош за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство се одобрува без утврдување на материјалната и финансиската состојба на жртвата.
Покрај казна од институциите не смее да запре психосоцијалната поддршка на жртвите. Тоа го нудат институциите како што е Центарот за социјални работи, како и Македонското здружение на млади правници. Психолозите Јовановска и Стаменковиќ велат дека е важно жртвата да побара помош, да сподели со блиските.
Важно е и жртвата да знае дека вината секогаш е кај насилникот, жртвата не е виновна за стореното насилство, а институциите да понудат суштинска поддршка, јавноста да покаже емпатија.



Radio Bum

February 25th, 2021

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *