Вести

Станарите на Октомвриска револуција број 84 ќе ги паркираат автомобилите пред Општината

Станарите на Октомвриска револуција број 84 ќе ги паркираат автомобилите пред Општината

„По 10 години останавме без паркинг за нашите автомобили, сега нема каде да паркираме и ќе ги одвеземе автомобилите пред општината,- велат револтирани станари на улицата Октомвриска револуција број 84 откако денеска им беа поставени столбчиња. Оваа е мерка со која општината заедно со СВР Куманово сака да ги ослободи тротоарите од несовесните возачи кои паркираат на тротоарите и велосипедските патеки. На изведувачите денеска не им беше дозволено да ги поставуваат столбчињата па мораше да интервенира и полицијата. Паркираните автомобили на станарите беа подигани од пајак службата за да можат да ја завршат својата работна задача.

“Оваа е насилство врз нас реагираат станарите, десет години живееме во оваа зграда без паркинг простор ги имаме платено сите комуналии , а никој не превзема ништо. Најпрвин требаше да ни направат паркинг и тогаш да ја спроведат оваа мерка. Имаме 120 автомобили , зграда без паркинг простор, влез од друга страна немаме , каде да паркираме сега, -прашуваат станарите.

“Ако беше направена улицата Моша Пијаде да се поврже со Октомвриска револуција тогаш немаше да има проблем, но едни на други си ја префрлуваат вината , а ние сега ке ги трпиме последиците. Каде е градоначалникот сега да дојде да го решиме проблемот и зошто се крие? , -го повикаа градоначалникот станарите.
Тие не се против ваквата мерка но бараат трајно решение.
„Ни испратија и полиција да не носат од тука, каде е решението, 15 години чекаме да ја направат улицата. Сега сме приморани да бараме решение по правен пат,- реагираат станарите на Октомвриска 84 .

Од Општината од секторот за сообраќај велат дека врз основа на одобрен основен сообраќаен проект за трајна измена на сообраќаен режим со поставување на столбчиња за разделување на велосипедскиот и пешачкиот од моторниот сообраќај и на улицата Октомвриска револуција , согласност за основниот проект издаден од СВР Куманово и решение за поставување издадено од Општина Куманово го реализираме поставувањето на столбчињата по целата должина на Октомвриска револуција. За поставувањето јавноста беше навремено информирана преку медиумите со предупредување да не се оставаат возила по должина на булеварот на кој се врши поставување на овој вид на сообраќајна опрема на уличната инфраструктура, па поради тоа СВР Куманово има обврска да ги отстрани непрописно паркираните возила.

Radio Bum

March 23rd, 2019

No Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *