Вести
Храната како оружје на Кремљ за ширење дезинформации во Северна Македонија
Патот на пропагандата на Кремљ е отворен и во Македонија. Дезинформации на теми, кои директно ги засегаат граѓаните и главно потекнуваат од пропагандните медиуми во сопственост на Кремљ, се преземаат најчесто од Србија или од проруските медиуми, портали и социјалните мрежи на англиски јазик и се пренесуваат до македонската публика.
Руската пропаганда е силна на Балканот, и тоа особено во земјите од регионот, кои ја поддржуваат Москва или каде што значителен дел од популацијата е благонаклонет кон Москва.
Русија одамна, уште откако стана велесила во Европа, користи повеќе алатки за пропаганда, со цел да ги протурка своите геополитички цели. Социјалистичката пропаганда пропадна, но, иако ослободена од идеолошка заднина, пропагандата против Западот и неговите сојузници ширум светот функционира и денес.
Темите се различни – од глобални, регионални, потхранување национализам, етничка нетрпеливост и засилување на економските проблеми. Во ширењето на пропагандата не е поштедено ниту производството на храна и сè што е поврзано со храната и земјоделството во ЕУ.
Овој сегмент од европската и од економиите на другите континенти се користи при креирањето на пропагандата, со цел да се предизвикаат поделби кај тие што Кремљ ги смета за непријатели, да предизвика бес, страв, анксиозност и негативни чувства и меѓусебно насилство внатре во непријателските земји.
Советската социјалистичка пропаганда беше успешна на Балканот затоа што придонесуваше целиот регион да ги следи инструкциите за прашања, како од надворешната, така и од внатрешната политика. Додека социјалистичката идеологија преовладуваше и внатре во Советскиот Сојуз и во странство, и беше темел на советската пропаганда, карактеристика на денешната руска пропаганда е што таа се разликува во зависност од тоа за кого е наменета.
На пример, пропагандата во странство е многу различна од она што се пропагира внатре во Русија. Целта на надворешната пропаганда е да се поткопа, ослабне и да им се наштети на западноевропските држави, на земјите-аспирантки на ЕУ и на НАТО, вели Максим Саморуков, експерт за руската надворешна политика. Тој вели дека Русија секогаш нуди „докази“ за својата пропаганда и таквите измислени „докази“ ги злоупотребува да влијае врз граѓаните.
Русија секогаш може да најде грам вистина за својата пропаганда и потоа тој мал сегмент од вистината да го злоупотребува за да креира серија дезинформации што влијаат врз луѓето. Следи што се случува во одредена држава, открива кои се локалните проблеми и конфликти и се обидува да ги разгори, со цел да ја ослабне врската на земјите со Западот и да ги направи пофокусирани на нивните проблеми и помалку способни да спроведуваат кохерентни политики. Во Германија, Русија може да капитализира со зголемувањето на цените на гасот, како доказ дека германската надворешна политика со пријателството со Украина е погрешна и дека Германија треба да има пријателски односи со Русија. На Балканот може да ги искористи локалните меѓуетнички тензии за да ја направи интеграцијата на овие земји потешка, истакнува Саморуков.
Прехранбените пропагандни куршуми на Кремљ
Еден од тие дезинформациски фронтови се однесува и на манипулации и лаги поврзани со храната и нејзиното производство, а сè со цел и преку овие теми да се прошират измислици за поддршка на традиционалните долгорочни наративи на Кремљ дека Западот е декадентен и само што не пропаднал, дека се наближува некаков катастрофален настан, кој ќе нè уништи сите ако се продолжи со спротивставување на Кремљ, дека Западот и ЕУ сè повеќе се губат во сопствениот безизлез и несигурност, што се одразува и врз обичните граѓани.
Сведоци сме на лаги во кои се тврди дека Европската Унија сите ќе нè принуди да јадеме инсекти, наводно заради заштита на животната средина, дека тајно се потураат прехранбени прашоци од обезмастени штурци, а овошјето и зеленчук во ЕУ и пошироко е генетски модифицирано и Европската Унија има тајна агенда за уништување на традиционалното земјоделство.
Сите овие дезинформации се шират во македонскиот медиумски простор или на социјалните мрежи од профили или од фејсбук-страници што редовно споделуваат содржини во корист на Кремљ.
Порталот за проверка на факти, Вистиномер има објавено опширна анализа на објавен пост дека ако си за ЕУ, треба да јадеш инсекти за да не умреш, преполн со измислици и манипулации со контекстот.
Примерот дека пропагандата работи и во Македонија се јаболката што владата ги делеше на учениците во училиштата. На социјалните медиуми веднаш се појави информација дека јаболката што им се даваат на учениците се отровни и вратени од Русија. На оваа дезинформација веднаш беше реагирано од страна на Министерството за земјоделство, кое истакна дека набавката на јаболка за училиштата е направена пред да биде добиена забраната за извоз на јаболка во Русија поради кафеавиот мраморен инсект.
И храната се користи за да се разниша довербата во ЕУ
Граѓаните сè повеќе стравуваат дека ЕУ има интенција да го уништи традиционалното производство на храна и префрлање на синтетичко. На Македонците и генерално на граѓаните на Западен Балкан им се сервираат дезинформации дека ЕУ има агенда за уништување на традиционалното производство. Корисниците на социјалните мрежи споделуваат фотографии и разговараат дека Европската Унија инсистира на уништување на ситните производители. Сепак, официјалните податоци на ЕУ се дека во следната година се планира дури 25 проценти од производството да биде органско.
Државите-членки ќе мора да донесат соодветни програми и да го усогласат законодавството за да се обезбеди ваков процент на органско производство. Тоа производство промовира употреба на материи добиени по природен пат и целосно и во голема мера ја оневозможува употребата на вештачки ѓубрива, пестициди, хормони, конзерванси и адитиви. На тој начин нема загадување на почвата и водата, се избегнува ширењето болести, се обезбедува благосостојба и на животните им се овозможува заштита на екосистемите, особено на локално ниво.
Во североисточниот регион на државава, во моментов е регистрирана појава на африканска чума кај свињите. Болеста е поразителна за помалите одгледувалишта. Производителите од регионот веруваат дека ова е агенда на ЕУ за уништување на малите фарми. Жителите велат дека намерно се уништуваат свињите, за да се увезува, како што велат, замрзнато месо од други земји и веруваат дека владите на Балканот се вклучени во заговор да се јаде вештачко месо. Тие се сигурни дека се уништува и здравиот сточен фонд, игнорирајќи ги предвидувањата и укажувањата на ветеринарите, на стручните служби, македонското и законодавството на ЕУ дека болеста се шири доколку не се преземат биосигурносни мерки за заштита и сузбивање на болеста. И ако не се почитуваат мерките, болеста ќе остане во подрачјето, во земјава, соседството и ќе треба да поминат години за да закрепне фондот. Слични размислувања имаше и во Хрватска и во Македонија. И тогаш, и сега, мерките за заштита од болеста се исти. Медиумите пренесуваат информации дека болеста се утврдува преку епидемиолошки испитувања, а не наизменично и по волја на властите во селата од североистокот, како што кажуваат одгледувачите, со цел да се искорени производството на свињи во овој дел од државата.
Државата не увезе свинско месо, и ако тоа беше тврдење на одгледувачите, а добија и обесштетување по угинато животно. АХВ воспостави зона на заштита од три километри зона под надзор од десет километри. Исти мерки се преземаат на ниво на Европа и на светот.
Манипулациите во однос на мерките што ги презема владата за заштита од африканската чума кај свињите не завршува тука. Здушно се прават обиди да се сврти јавноста против Европската Унија и САД, користејќи ја оваа зараза кај добитокот, па се вели дека мерките се резултат на некаква агенда на САД што ја спроведува и Европската Унија, и тоа територијата на една од своите земји-членки, поточно во Хрватска. Но, се крие дека евтаназијата на свињите во Хрватска е поради исклучително заразната болест, а не за постоење некаков глобален план за уништување на традиционалното производство на храна и префрлање на синтетичко. Нема светски заговор за уништување на земјоделството, целта на Европската комисија е во следните 10 години, 25 проценти од земјоделството да биде искористено за органско производство. До 2030 година, ЕУ мора да има воспоставено регулаторни инструменти, кои ќе ги намалат емисиите на стакленички гасови од земјоделството, ќе ја зголемат отпорноста на земјоделското производство, ќе ја подобрат биолошката разновидност во руралните области и ќе придонесат за обезбедување здрава храна за растечката светска популација.
Измислица за „опасна“ храна води до сериозни последици
Вакви манипулации, во кои се тврди дека традиционалната храна се заменува со друга, која е туѓа за ова поднебје или дека традиционалното земјоделство се заменува со вештачко, па дури и со пластика (дезинформациите за производство на пластичен ориз), секогаш не може да се утврди од каде доаѓаат и дали потекнуваат директно од Кремљ. Тоа е затоа што Кремљ многу често ги прикрива своите траги и прави големи напори да не се знае кој е изворот на првичната дезинформација, која потоа се шири низ интернетот.
Многу често, тие што ги споделуваат дезинформациите на Кремљ, не се ни свесни за нивното потекло затоа што дезинформацијата ја сретнале на социјалните мрежи, како нешто споделено од свој пријател или познаник кому му веруваат. Опасноста станува сериозна кога таквите дезинформации, споделени од блиски познаници, пријатели, роднини, медиуми и политичари на кои им се верува, стануваат многубројни и креираат впечаток дека станува збор за вистина. Тоа може да доведе до недоверба и кога станува збор за храната што ја јадеме, која е од големо значење за нашето здравје и добробит.
Владимир Петрески, Елизабета Стојановиќ, Сузана Андоновиќ