Жена која позајмила 4.000 евра, а требало да врати дополнителни 2.500 евра камата за само еден месец, останала без автомобил и била принудена да исплати и фиктивен долг од еден милион денари. Ова е еден од случаите што ги истражува Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во постапката против криминална група за која постои сомнение дека ја организирал кумановец.
Според Обвинителството, жената во целост го вратила договорениот износ, но првоосомничениот побарал да ја користи нејзината банкарска сметка за префрлање пари прибавени со изнуди. Откако одбила, започнале заканите.
Осомничените, како што наведува Обвинителството, изготвиле фиктивен договор за купопродажба на нејзиниот автомобил, како и договор за наводен заем од еден милион денари. На документите бил фалсификуван нејзиниот потпис, а договорите биле заверени на нотар без нејзино знаење.
Врз основа на овие документи, сопственоста на автомобилот била пренесена на еден од осомничените, а жената била принудена да го исплати и наводниот паричен долг.
Во друг случај, маж кој во 2021 година позајмил двапати по 180.000 денари за лекување на сопругата, исто така станал жртва на групата.
Иако ги вратил позајмените пари, осомничените продолжиле да бараат дополнителни исплати како камата. Според истрагата, искористувајќи ја неговата финансиска зависност, го принудиле да ја стави на располагање својата банкарска сметка, преку која префрлале поголеми суми пари прибавени со изнуда. Трансакциите биле прикажувани како заеми, по што парите биле подигнувани во готовина.
Под истрага четири лица, притвор побаран за тројца
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка против четири лица, осомничени за злосторничко здружување, изнуда и перење пари.
Според Обвинителството, криминалната група била формирана од првоосомничениот, кој е од Куманово, а дејствувала од 2021 година. Осомничените со сериозни закани изнудувале пари од оштетените, најчесто искористувајќи ја нивната зависност поради претходно земени заеми.
За тројца осомничени до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување притвор, додека четвртиот веќе извесен период се наоѓа надвор од државата.
Под истрага е и нотарот кој дозволил заверка на спорните документи. Тој е осомничен за несовесно работење во службата, а Обвинителството предложило судот да му определи мерки на претпазливост.
Истражната постапка продолжува, а наводите против осомничените допрва треба да бидат докажани во судска постапка.
Сузана Андоновиќ