Вести

Николовски: „Паметни граници“ за побрз пласман на македонските производи

By Radio Bum

October 02, 2026

Модернизацијата на царинското работење треба да овозможи побрз и посигурен пласман на домашните производи на регионалните и европските пазари, порача директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, на манифестацијата „Органска трпеза“ во Куманово.

Тој истакна дека Царинската управа работи на поедноставување и забрзување на царинските постапки, нивна поголема предвидливост и целосно усогласување со европските стандарди.

„Царинската управа има јасна определба царинските постапки да бидат побрзи, поедноставни, попредвидливи и целосно усогласени со европските стандарди. Во таа насока, во изминатите две години сериозно го модернизираме царинското работење, воведуваме современи европски системи, ги модернизираме граничните премини и го менуваме начинот и брзината на кои се одвиваат царинските постапки“, рече Николовски.

Тој најави дека годинава продолжува и проектот за целосна автоматизација на граничните царински терминали и воведување „паметни граници“.

Според Николовски, ефектите од модернизацијата треба директно да ги почувствуваат производителите и трговците, преку побрз и посигурен пристап на нивните производи до домашниот и странските пазари.

„Вистинската вредност е кога вие, како производители или трговци, ќе почувствувате дека вашите производи побрзо и посигурно стигнуваат до пазарот, како на национално, така и на меѓународно ниво“, истакна Николовски.

Во своето обраќање тој посочи дека олеснувањето на легалната трговија мора да биде проследено и со борба против нелегалната трговија, со што, како што рече, се заштитува конкурентноста на домашните производители.

„За еден мал производител, секое забрзување во спроведувањето на процедурите, секоја скратена административна постапка и секоја навремена информација значат повеќе време и простор за она што е суштината – производството, развојот и освојувањето нови пазари“, рече Николовски.

Тој оцени дека домашната органска храна е дел од традицијата и економскиот потенцијал на земјата и дека има можност да стане препознатлив македонски производ на регионалните и европските пазари.

Царинската управа, како што најави Николовски, ќе продолжи да биде партнер на производителите, преработувачите, дистрибутерите и трговците во создавањето фер економско опкружување и услови за развој на легалниот бизнис.

Сузана Андоновиќ