Со финансиска поддршка од Европската Унија во вредност од околу четири милиони евра, Царинската управа ги зајакнува капацитетите за контрола и истраги, борба против шверцот и организираниот криминал, но и за олеснување на легалната трговија. Во рамки на поддршката обезбедени се современа специјализирана и форензичка опрема, информатичка инфраструктура, нови дигитални системи и 26 специјализирани возила.
Резултатите од поддршката на Делегацијата на Европската Унија за Царинската управа беа презентирани денеска на Централниот царински терминал Табановце, во рамки на ИПА-програмата и акцискиот документ „Европската Унија против организираниот криминал во поддршка на трговијата“.
Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, истакна дека успешната европска интеграција не се гради само преку стратешки документи и реформи, туку и преку конкретни проекти, поддршка, заедничка работа и соработка.
Со финансиската поддршка од Европската Унија од околу четири милиони евра, во изминатиот период биле реализирани повеќе активности насочени кон модернизација на оперативните, истражните и техничките капацитети на Царинската управа.
Обезбедена е современа специјализирана опрема за царинска контрола и истраги, опрема за откривање и идентификување на недозволена трговија, форензичка опрема, како и современа информатичка инфраструктура.
Особено значаен дел од инвестицијата се 26-те специјализирани возила наменети за Секторот за контрола и истраги, мобилните царински тимови и К9 тимовите. Меѓу нив е и специјализирано возило за транспорт на привремено задржани лица.
Според Николовски, не станува збор само за материјални средства, туку за алатки со кои царинските службеници ќе можат поефикасно да ја извршуваат својата работа, да ги препознаваат ризиците, да ја спречуваат нелегалната трговија, да откриваат шверц и да придонесуваат во борбата против организираниот и прекуграничниот криминал.
Модернизацијата на Царинската управа, како што нагласи, не се гледа само од аспект на контролата, бидејќи еднакво важна е и улогата на институцијата во олеснувањето на легалната трговија.
Значаен дел од европската поддршка е насочен и кон развој на современи дигитални решенија. Меѓу нив се системот за регистрација и идентификација на економските оператори – ЕОРИ 2, како и системот за управување со идентитетите на корисниците и дигитален потпис, со кој се овозможува единствен и безбеден пристап на корисниците до повеќе царински електронски системи.
Овие системи се дел од повеќегодишниот стратешки план на Европската Унија за развој на царинските информациски системи, кои треба да ги поседува секоја земја кандидат за членство во ЕУ.
За економските оператори нивното воведување треба да значи поедноставување на процедурите, помалку административни чекори, електронско управување со овластувањата и полесен пристап до царинските услуги.
За Царинската управа, пак, тоа значи поквалитетни и посигурни податоци, поголема безбедност, подобра поврзаност со националните и европските системи и создавање основа за понатамошно усогласување со царинските системи и стандарди на Европската Унија.
„Силна царина не значи само силна контрола. Силна царина значи брза, модерна, дигитална институција која им овозможува на економските оператори полесно да функционираат“, истакна Николовски.
Тој посочи дека безбедноста и олеснувањето на трговијата се два од клучните приоритети на Царинската управа кои меѓусебно се надополнуваат.
Со современа опрема, квалитетни податоци, модерни ИТ-системи, добро обучени службеници и ефикасни процедури, според директорот, Царинската управа може истовремено да биде поефикасна во борбата против нелегалната трговија и во олеснувањето на легалната трговија.
Николовски упати благодарност до амбасадорот на Европската Унија Михалис Рокас и Делегацијата на ЕУ во земјава за поддршката, како и до европските партнери и изведувачи кои учествувале во подготовката, финансирањето и реализацијата на активностите.
Тој оцени дека европската поддршка претставува и доверба во институциите и во нивниот капацитет да ги спроведуваат реформите неопходни за членство во Европската Унија.
Благодарност упати и до премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска за, како што рече, континуираната поддршка и препознавањето на значењето на модернизацијата на Царинската управа како важен дел од економската и безбедносната политика на државата.
Николовски нагласи дека опремата и технологијата се важни, но дека институцијата ја прават луѓето, посочувајќи ги царинските службеници кои секојдневно работат на границите, терминалите, во мобилните тимови, контролите и истрагите, како и вработените кои се грижат за функционирањето на ИТ-системите.
Тие, според него, се првата линија во заштитата на економските и финансиските интереси на државата и во обезбедувањето безбеден и непречен проток на стоки.
Царинската управа, најави Николовски, ќе продолжи да инвестира во модернизација, дигитализација, развој на човечките капацитети и јакнење на меѓународната соработка, како и во понатамошно усогласување на системите и процедурите со европските стандарди.
„Нашата цел е јасна – Царинска управа која е современа, професионална, ефикасна и сигурна институција, подготвена да одговори на современите безбедносни предизвици, но и да биде вистински партнер на македонската економија“, порача Николовски.
На настанот на Централниот царински терминал Табановце присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, евроамбасадорот Михалис Рокас, како и претставници на институциите и Царинската управа.
Сузана Андоновиќ