Вести

Три дена бесплатна акција за собирање на кабаст отпад во Куманово

By Radio Bum

December 11, 2025

Јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ ќе спроведе тридневна акција за собирање кабаст отпад.

Акцијата се организира со цел унапредување на урбаната хигиена и поефикасно управување со отпадот, во согласност со насоките на Министерството за животна средина и просторно планирање. Според директорот на претпријатието, Сашо Томиќ, редовното и контролирано отстранување на овој вид отпад е клучно за спречување на неконтролирано депонирање и за зачувување на јавниот простор.

-Акцијата ќе се спроведе од 12 декември 2025 година и ќе трае три дена, петок, сабота и недела. На три локации во градот ќе бидат поставени големи корпи за кабаст отпад, кај поранешен „Шипад“, населба „Гоце Делчев“, паркинг кај градскиот базен и во кругот на ТППЕ Куманово, изјави Томиќ.

Ваквите активности се дел од пошироките заложби за унапредување на системот за управување со отпад и јакнење на еколошката свест кај граѓаните.

-Апелираме до сите жители кабастиот отпад, особено стариот мебел, да го одложуваат исклучиво на наведените локации и само во предвидениот период. Само со организиран пристап и одговорно однесување можеме заеднички да придонесеме за почиста, поуредна и поздрава животна средина, истакна Томиќ.

Надлежните очекуваат голем одзив од граѓаните и потсетуваат дека ваквите акции се значајни за спречување на создавање диви депонии и подобрување на квалитетот на живот во градот.

Сузана Андоновиќ