Вести

Првото бебе во новата 2025 година во Куманово е девојче

By Radio Bum

January 02, 2025

Првото бебе родено во Куманово во општа болница на гинеколошко акушерското одделение е девојче. Родено е на 1 јануари во 17 10 минути. Мајката, Хамиде Асанова има 26 години и е од Крива Паланка. Породена е со царски рез, а оваа и е втора рожба.

– Посакувам само да биде здраво, живо и среќно, изјави мајката Хамиде Асанова.

Претседателката на Советот на Општина Куманово, во име на сите граѓани денеска ја посети родилката и заедно со директорот на болницата однесоа подароци и златник за бебето.

– Ѝ посакав прво таа да се опорави, девојчето да е живо, здраво и среќно. Да си ја сака државата, да си го сака градот и да си остане овде да придонесува, изјави претседателката Ѓорѓиевска. Мајката и детето се во добра здравствена состојба, изјави Стефан Трајановски, директор на Општа болница Куманово. Тој вели дека со првото бебе, девојче, ова ќе биде плодна година.

– Раѓањето на женски плод наговестува плодна и бериќетна година. Имаме тренд на намалување на раѓањата за жал и се надевам дека ова е предзнак и за зголемување на бројот на раѓањата, рече директорот.

Специјалистот д-р Софија Трајковиќ од Гинеколошко-акушерското одделение при Општа болница Куманово вели дека тимот има само седум специјалисти, па помош добиваат и од Скопје и со тоа успеваат да го покријат 24-часовното работење.

– Во новата година се родиле само две бебиња, двете се женски пол.

Моментално има една пациентка во предродилна сала, но кога ќе биде не знаеме, изјави специјалист д-р Трајковиќ.

Минатата 2024 година имало 688 раѓања во кумановската болница, но бројот продолжува да опаѓа, со оглед дека во 2023 имало дури 730.

Сузана Андоновиќ