Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски повика на разбирање од граѓаните за раскопаните тротоари на улицата „Народна револуција“ поради претходно поставената гасификациска мрежа на оваа улица. По оваа интервенција друга компанија поставила своја подземна инфраструктура. Општината преку секторот за комунални дејности ќе интервенира. Граѓаните бараат брза реконструкција, бидејќи улицата е доста фреквентна и во моментов е небезбедна за поминување и на пешаците и останатите учесници во сообраќајот. Граѓаните бараат побрза реакција од надлежните.
– Не се работи за градежни активности на општината, туку на тротоарот интервенираше друга компанија која вкопуваше кабли, работата не е во целост завршена и реагиравме до нив да се коригира целиот тротоар онаа што го раскопаа да го вратат во првобитна положба. Се согласија доколку има учество и општината да го направат тоа и ќе следува корекција на целиот опфат, изјави Димитриевски.
Претходно беше саниран дел од „Народна револуција“, но од спротивната страна. Претходно на овој потег беше поставена гасификациска мрежа. Улицата делумно беше раскопана од едната страна. Поставувањето на мрежата накај „Народна револуција“, се одвиваше со цел да се поврзе, средното училиште „Наце Буѓони“ спортскиот објект „Соколана“, основното подрачно „Браќа Миладиновци“ и ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“ на гасификациската мрежа.
Сузана Андоновиќ