Вести

Промоција на аудиокниги за ученици со потешкотии при читање во Куманово

By Radio Bum

September 21, 2023

Аудиокниги наменети за учениците со тешкотии во читањето и дислексија беа промовирани денеска на информативна сесија пред професорите од училиштата од североисточниот регион, во регионалниот центар ДСУ „Киро Бурназ“ Куманово. Книгите им овозможуваат на учениците лесно да ја совладаат програмата. Овие учебници се користат како алатка за учениците со потешкотии при читањето, дислексија и за учениците со оштетен вид.

Промоцијата е дел од Еразмус+ проектот „Аудио учебници – поддршка за учениците со потешкотии во читањето и нивните наставници“ кој на локално ниво го организира здружението „Креатор“ од Куманово. Во проектот покрај кумановското здружение вклучени се и сродни здруженија од Швајцарија, Латвија, Литванија и Словачка.

– Дејзи формат книгите се интегрирани учебници каде ученикот може да следи текст и да слуша аудио во исто време, а притоа учебникот да го користи исто како што ја користи и самата печатена книга. Во рамки на проектот, учебниците „Иновации“ за деветто одделение и „Иновации и претприемништво“ за втора година средно образование, со дозвола од Министерството за образование како нивен издавач, беа направени во овој Дејзи формат од страна на нашата организација, „Креатор Куманово“, изјави проектниот координатор, Катерина Димовска.

На настанот присуствуваа 30 наставници.  Наставниците преку ваквите книги имаат готов продукт за работа со учениците.Вакви книги веќе се користат во европските земји, но и во земјава и придобивките за учениците се забележителни, објаснуваат организаторите.

– Големи се придобивките за ученикот, тој го гради својот вокабулар, ја зголемува својата самодоверба, го прати материјалот на ист начин како и своите врсници, се намалува фрустрацијата кај родителите кои најголем дел од своето време го поминуваат читајќи му на своето дете. Ваквите Дејзи книги му овозможуваат на ученикот сам да ја прати наставата и како такви се користат во голем број земји во светот. Истите во европските земји ги чуваат библиотеките за слепи и пристап до нив имаат само оние ученици на кои тие им се навистина потребни, изјави м-р Анита Младеновска, специјален едукатор и рехабилитатор, која беше вклучена во процесот на изработка на овие книги.

Проектот се спроведуваше изминативе три години. Резултатите како и изработените книги се достапни на веб-страницата на Здружението „Креатор“. 

Сузана Андоновиќ