Вести

Ќе се реконструира кровот на училишната зграда на Браќа Миладиновци и Крсте Мисирков

By Radio Bum

May 17, 2023

Компанијата Ибро комерц од Липково го доби тендерот за реконструкција на кровот на централното училиште Браќа Миладиновци и Крсте Мисирков, информираше денес директорката Јасмина Спасовска.

На јавниот повик имало 5 заинтересирани изведувачи.

За надзорен орган од 8 компании кои аплицирале на тендерот била избрана фирмата ,,Друштво за проектирање и инженеринг” од Гостивар.

МОН за оваа намена ќе одвои 14.906.070,93 денари со вклучен данок на додадена вредност.

Директорката се надева дека во најскоро време ќе се започнат работите за санација на кровот, а според договорот за 10 месеци ќе се заврши со целосна реконструкција. Покрај санацијата на кровниот покривач ќе бидат санирани и штетите нанесени од влага.

Поради протекување на кровот при обилни дождови и несоодветни услови за изведување на наставата на третиот кат, дел од учениците од „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“ кои следат настава во објектот во центарот на Куманово, со одлука на совет на родители и на училиштето, настава следат во други објекти, меѓу кои и во гимназијата „Гоце Делчев“.

Во двете училишта кои ја делат најстарата училишна зграда во центарот на Куманово настава изведуваат 2400 ученика, а училиштето Браќа Миладиновци одбележа 70 годишен јубилеј.

Сузана Андоновиќ