Куманово е голем град со големи проблеми и заборавено од централната власт, иако е град борец и градот и останатите од државата ја чекаат својата пролет, кажа претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на трибина пред кумановци. Тој ја обвини власта дека не вложила во Куманово, како и за иселувањето на младите за кои кажа дека се разочарани.
Зборувајќи за делницата Прилеп- Битола, Мицкоски рече дека иако власта го означила почетокот на изградбата на терен не се работи ништо.
-Одете слободно проверете, а приватната компанија ги чека парите кои владата и ги вети, без мака, без работа, над внимавајте добро 300-тини милиони евра само за аванси и пенали без удрена лопата, кажа Мицкоски.
Тој кажа дека беззаконието се гледа и во обидот да се изгради паркинг во двор на болница. Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ ја обвини власта дека носи закони со европски знамиња и порача дека токму од Куманово, ВМРО – ДПМНЕ ќе ја порази власта, додавајќи дека победата се чувствува.
-Ќе победиме и ќе одговарате за секоја неправда направена врз овој народ. За она криминално владеење на главната корпорација во Македонија, Демократска унија за интеграција и нејзиниот подизведувач СДСМ. За секоја уништена шанса, тендер во четри очи, за тоа што се однесувате како газди над туѓите животи, рече Мицкоски.
Тој посочи дека ќе има одговорност, преструктурирање и борба против криминал. Во однос на уставните измени кажа дека ќе се отвори пандорина кутија и како што кажа се става и редефинирање на карактерот на Македонија.
– Она што исто така претставува тема подолг период се уставните измени. И во тој поглед сакам да предупредам на една друга опасност, на едно ново хазардерство и предавство кое си се турка на мала врата, така странично, но можеби внимавајте добро подеднакво опасно, па би рекол и поубиствено за Македонија во поглед на нејзиното постоење како унитарна држава, истакна Мицкоски.
Тој посочи дека не е само бугарскиот диктат за Уставот, без било какви гаранции за Македонија, кој го турка владата, туку отворање на пандорината кутија на тој план, како што рече, редефинирање на карактерот на Македонија преку нарушување на нејзината унитарност.
– Низ кулоарите, а и во дел од медиумите и јас ги слушам идеите кои ги зборуваат оние партиски експерти кои им ги составуваат уставните измени, па се говори дека се предлагало да се смени Преамбулата така што ќе постоеле два народа, неколку заедници, а потоа и малцинства и тоа да прерасне во уставно слово, притоа целосно нишајќи ги темелите на Македонија и разработувајќи го концептот на бинационална федерална држава. Се надевам дека ќе остане само на нереализирана мантра затоа што во спротивно доколку тоа се преточи во текст ќе прават неповратна штета за Македонија. Апелирам да се престане со оваа самоубиствена рулет игра на партиите на власт затоа што не смеат да си играат играчки со Македонија и пишување на Уставот, рече Мицкоски.
Тој упати порака до претседателот на Владата да внимава и, како што кажа, да не тргува со национални интереси и да не ја обвинува опозицијата за неуспесите. Зборувајќи за мнозинството, Мицкоски го повика Ковачевски дека ако е убеден во мнозинството да поднесе предлог за уставни измени во Собранието уште утре. Пред кумановци, лидерот на ВМРО – ДПМНЕ кажа дека не смееме да замижуваме пред реалноста која ги мачи сите луѓе во оваа земја, без разлика дали некој е ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, БЕСА, Алијанса за Албанците, дали некој е неутрален или определен. Ова се проблемите на денешното време.
- Половина милион наши сограѓани живеат во сиромаштија со само 150 денари на ден, а повеќе од 33.000 лица живеат во екстремна сиромаштија. Статистиката покажува дека секое трето дете доживеало прехранбена сиромаштија во 2022 година. Цените на храната во просек пораснале за 22%, додека цените на некои прехранбени производи се зголемиле за дури 36%. Инфлацијата е висока. Платите на работниците се недоволни и губат вредност пред налетот на општиот ценовен шок. Околу 110.000 вработени во јавниот сектор земаат плата која е скоро колку минималната во државата, а токму ниските плати се главна причина поради која работниците заминуваат во странство.
Стапката на раст на бруто-домашниот производ (БДП) за четвртото тримесечје од 2022 година е само 0.6%. Економијата има параметри слични на Украина каде има разорна војна. Дојде време со сите премрежија кои ги имаат балканските држави како Босна и Херцеговина и Косоово да имаат поголем бруто домашен производ од нашиот, од македонскиот.
Само во текот на минатата 2022 година во сиромаштија донесени се 20.000 дополнителни лица, од кои 5.000 нови сиромашни деца. Минималните трошоци на едно семејство во март изнесувале над 50.000 денари.
Најновото истражување на Галуп покажува дека повеќе од 40 проценти од Македонците би се иселиле од државата. Тоа значи дека луѓето не ја гледаат иднината, не ја гледаат иднината тука во сопствената Македонија затоа што системот ги гуши и не им дава да напредуваат.
Македонија ја заврши 2022 година со 7,7 милијарди евра јавен долг, што е 57 проценти од бруто-домашниот производ. Тоа е историски најголем долг, но тоа не е се, за оваа година предвидено е дополнително да се задолжат 1,6 милијарди евра. За цели 6 години долгот е зголемен за нови 3 милијарди евра, со што ги задолжуваат и неродените деца.
Македонија има тешки порази, но најголемата загуба од се, верувајте е загубената иднина за младите. Секој упропастен млад живот е покосување на една цела генерација која утре треба да ја носи Македонија на свои плеќи. Државата за младите не ги обезбедува истите шанси кои ги обезбедуваат другите држави од западниот свет. Младиот човек во Македонија го губи мотивот да создава иднина овде.
Целиот мој живот како професор работам со младите и ви вилам дека не постои поголема загуба од залудно потрошениот талент.
Младиот човек во Европа, Германија, Шпанија, Франција се бори за нови научни достигнувања, за нови успеси во роботиката, претприемништвото и ИТ индустријата, младиот човек од Македонија се бори за пристоен оброк во студентски дом. Тоа е колективниот неуспех на нашето општество.
Младите спортисти не се охрабруваат за нови победи. Успех е ако се соберат донации за учество во некое регионално или европско натпреварување. А тој спортист и неговото семејство го вложиле целиот живот и инвестирале време, љубов и пари за успех. Успех за студентот од внатрешноста е да обезбеди место во студентскиот дом, успех е да се купи учебник кој мора да го има. Ете тоа се колективните неуспеси, тоа се неуспесите на нашето општество и сето ова мора да го промениме.
Главната дилема е каква шанса како држава даваме за младите. Каков е примерот кој го оставаме за генерациите кои следат. Ме мачи што одговорот на овие прашања е подеднакво поразителен за сите кои се занимаваме со политика и доаѓа времето кога мораме да кажеме доста е. Мора да ги менуваме работите и да се бориме за секој млад човек. Одговор на овие тешкотии дава заедничкиот патриотизам во кој веруваме.
Тој дава одговор на дилемите и на Дарко Живковски од Доброшане кој го слушнавме. Дарко даде најдобар опис, што очекувате од владата каде првите луѓе се од Куманово кои прво својата куќа не ја средиле… Куманово нема театар, кино, не дава шанса за младиот човек… Заедничкиот патриотизам треба да донесе шанса и мотив за секој еден човек. И ваквите состојби ќе ги исправиме по победата на изборите. Младите ќе се најважниот фокус, не само преку проекти туку и преку политики кои ги имаме. Мораме да ја обезбедиме нивната иднина преку слушање на нивниот глас за нивните потреби, кажа Мицковски во Куманово
Тој кажа дека мора да се обезбеди раст на БДП да се намали невработеноста под 10 проценти, да се обезбедат ниски даноци, да се воведат мерки за млади, реконструкција на студентски домови, пари за младите претприемачи, вработување на најуспешните студенти. Повика на силна и убедлива, победа и нагласи дека има и мали партии кои се повикуваат на патриотизам и можат да го намалат успехот на ВМРО – ДПМНЕ на изборите.
Сузана Андоновиќ