Вести

Директорката на кумановската градинка вели дека градоначалникот не започнал постапка за избор на нов директор во законскиот рок што е директна причината за одземање на ингеренциите

By Radio Bum

April 06, 2023

 Директорката на кумановската градинка „Ангел Шајче“, Марина Алексовска на денешната прес-конференција апелираше до градоначалникот Максим Димитриевски да не отстапува од законските одредби и како основач на установа да дозволи непречено извршување на задачите. Нејзината реакција следи откако вчера градоначалникот на Куманово на прес-конференција кажа дека Министерството за труд и социјална политика првин му ги одзело и непосредно после тоа му ги врати ингеренциите за назначување на директор на установата. Директорката на градинката вели дека согласно законот, градоначалникот е должен да ја започне постапката за избор на нов директор три месеци пред истекот на нејзиниот мандат. Како што кажа, тој требало да постапи на 1 март годинава, и на истиот ден УО му достави известување. Според Алексовска поминале 23 дена од доставеното барање, а Димитриевски не постапил по известувањето, по што одборот го известил МТСП.

-Во утврдениот рок од страна на градоначалникот не беше донесена споменатата одлука, за што доказ е и архивата на градинката и на одлука на МТСП по што следеше одземање на ингеренции во делот на донесување на одлука УО да објави јавен оглас за избор на директор на детската градинка. Очигледно по добивањето на решението за одземање на ингеренцијата со молневита брзина, а со датум кој е дискутабилен 31 март е подготвена одлука од негова страна. Во установата е доставена на 4 април, изјави Алексовска.

МТСП вчера му ги врати ингеренциите на Димитриевски кој, пак  на прес-конференција обвини за централизација на институциите и на локалната власт на Куманово.

Сузана Андоновиќ