Вести

Кумановското обвинителство ќе го преземе случајот со агресивното куче кое нападна осум лица

By Radio Bum

March 15, 2023

Основното јавно обвинителство ќе го преземе случајот со расното агресивно куче кое нападна четири деца и четворица возрасни лица во Куманово, информираше раководителот на Секторот за инспекциски надзор, Бобан Бојковски. Службите ќе утврдат кој е сопственикот на кучето, дали избегало или е напуштено.

Анализите од ветеринарно сточарскиот центар „Тодор Велков“ покажале дека не се работи за куче скитник, туку дека кучето е чувано од сопственик. Азијатот побегнал или е напуштен.

-Бараме да се изврши постапка на утврдување на сопственост за да се спречат вакви настани. Во последните два месеца немаме ваков случај и пријава за ваков вид случај, барањето го темелиме врз основа на тоа што се извршени сечење на уши и опаш со што укажува дека имало сопственик, изјави Бојковски.

Агресивното куче беше заловено и е сместено во прифатилиште во Четирце, сопственост на ветеринарно сточарскиот центар „Тодор Велков“. Осум лица побараа помош во болницата и го пријавија случајот во полицијата.

Сузана Андоновиќ