Во Куманово, на ниво на училиштата има 169 ученици со попреченост со наод и мислење и околу 270 ученици без наод и мислење, а имаат тешкотии при реализација на наставниот процес.
Претставници од училишта, градинки, граѓански здруженија, стручни служби од Куманово, се информираа за концептот за системска рана детска интервенција, што го презентираа надлежни од Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори. Презентацијата е во организација и поддршка на секторот за образование од Куманово, а се спроведува во рамки на проектот „Воспоставување на системски услуги за рана интервенција за деца со развојни задоцнувања или попреченост“, што се спроведува со поддршка на Канцеларијата на УНИЦЕФ Скопје. Концептот за рана системска рана детекција е одобрен од Министерствата за труд и социјална политика и здравство.
Претседателот на Сојузот, Горан Петрушев, рече дека нацрт моделот за услугите за рана интервенција има поддршка од надлежните министерства и од УНИЦЕФ.
– Целта е во државата да воспоставиме услуги за рана интервенција за деца од 0-6 години. Имаме нацрт модел, направен врз основа на современи европски системи и поддржува семејно-ориентиран пристап, услугите да се пружат во домот од најрана возраст, а струните лица да ги обучат родителите и заеднички да работат со децата. После три години да работат во центри за рехабилитација, градинки , изјави Петрушев.
Системот, појаснува е трансдисиплинарен, опфатени се едукатори, лекари, социјални работници, физиотерапевти, логопеди, дефектолози кои заеднички треба да следат современ протокол кој веќе се применува во ЕУ и САД.
– Во моментов немаме развиен систем, работат сите согласно она што го следеле на факултетите, но нема развиен стандард за најмалите деца. Целта е сите да работиме исто како што се прави во развиените држави. Хрватска е лидер во регионот и досега имаат и здруженија за рана интервенција, многу услуги, иако сите земји работат, вклучително и нашата, изјави Петрушев.
Во Куманово, како што информира раководителот на секторот за образование, Александар Јовановиќ, вели дека на ниво на училиштата има 169 ученици со попреченост со наод и мислење и околу 270 ученици без наод и мислење, а имаат тешкотии при реализација на наставниот процес.
– Годинава успеавме заедно со сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори, МКФ комисијата да издејствуваме да има регионален центар и во општината, сместено е во ОУ „Вук Караџиќ“ за проценка на способностите на учениците. Една олеснителна околност, знаеме дека родителите има макотрпен процес да дојдат до наод и мислење за своето дете и се чекаше повеќе од година. Од оваа година Комисијата си работи во училиштето, изјави Јовановиќ.
До крајот на годината ќе се организираат средби со инволвираните лица, за да се креира најдобар систем применлив во државата, предвидени се и обуки. Пилот општини каде ќе се применува се Куманово и Штип.
Сузана Андоновиќ