Од денес започна со работа затворениот градски базен, информираат од јавното претпријатие Куманово паркинг кој по одлука на советот на општина Куманово го презеде управувањето на базенот од Јавното претпријатие Чистота и зеленило.
Со 10 милиони денари ќе се вградат фотоволтаици и ќе се инсталираат и топлотни пумпи, со што во иднина затворениот градски базен во дел на енергетската ефикасност ќе биде независен од електрична енергија и гас, вели директорот на Куманово Паркинг, Сашо Петрушевски.
Тој се надева дека за еден месец ќе започнат со поставување на фотоволтаици, со кои ќе произведуваат елетрична енергија за свои потреби, а со топлотните пумпи потрошувачката на електрична енергија ќе се намали за 50 проценти.
Базените не се исплатлива инвестиција, а секаде функционираат со блок дотации, вели Петрушевски.
Генерално, базенот е сервисиран, условите се подобрени, топлината ќе биде на максимално пропишано правила, а хигиената на највисоко ниво информира Петрушевски.
Базенот беше затворен на 18 октомври, лани, поради високи сметки за електрична енергија и гас, како што објаснија тогаш од ЈП „Чистота и Зеленило“ кои во тој период менаџираа со базенот.
Цената на дневниот билет за користење на градскиот базен е 150 денари, а месечен билет ќе чини 3 000 денари.
Сузана Андоновиќ