Евидентна е побарувачката за пружање услуги за старите и лицата со попреченост во Куманово, покажува проектот на „Порака Наша“, насловен „Ублажување на ефектите и последиците од COVID-19 врз најранливите во општеството со посебен фокус на постарите луѓе“, финансиран од австриското Министерство за социјални работи и управуван од Австрискиот Црвен крст. И во државата се забележува европскиот тренд на стареење на населението и опаѓање на стапката на наталитет.
– Во „Порака Наша“ беше формирана услуга за домашна нега, со координатор, асистент и осум негуватели/ки, преку која моментално се спроведува пилот-проект за подобрување на квалитетот на животот на постарите лица и лицата со попреченост во Куманово и за ослободување од товарот на грижата од нивните роднини. За да се увериме дека тимот за домашна нега спроведувана од „Порака Наша“ е квалификуван во обезбедувањето на своите услуги, негувателите поминаа 250 часовна обука во период од три месеци, спроведена од Црвениот крст во Куманово. Содржината на обуката опфати теми како што се помош во домаќинството (на пример, купување, чистење), ефективна работа (на пример, управување со стрес, доверливост), психосоцијална поддршка (придружба и управување со конфликти) и промоција на здравјето за постарите луѓе. Тимот учествуваше и на практична обука со социјален работник во Центарот за обука на Црвениот крст на град Скопје за да се запознае со ефективната комуникација и поставувањето на границите, вели Anna Schaeithauer – Проектен Координатор, од австриски Црвен Крст.
Зголемувањето на процентот на постари луѓе, кои се сè поранливи на хронични болести, особено незаразни болести (на пример, кардиоваскуларни заболувања, дијабетес, респираторни заболувања) претставува дополнителен предизвик за здравствениот и социјалниот сектор. Овие предизвици се влошени од пандемијата COVID-19, покажуваат истражувањата спроведени во рамки на проектот. Според надлежните од австрискиот Црвен крст, потребен е силен здравствен и социјален систем за да се справи со овие предизвици, но приспособувањето на системот на овие потреби бара време.
– За да се увериме дека корисниците на услугата на домашна нега од „Порака Наша“ добиваат квалитетна нега, се собираат месечни повратни информации и од клиентите и од негувателите, за да се оцени услугата за домашна нега и за да подобро се приспособи на потребите на клиентите. За да ја обезбеди одржливоста на услугата на домашна нега, „Порака Наша“ планира да добие лиценца за услугата. Бидејќи овој процес е сложен и бара дополнителни административни капацитети, проектните активности се продолжени за девет месеци за подобро да се подготват за исполнување на барањата за лиценцирање со кои услугата би можела да се финансира од јавните власти. Севкупно, тимот на „Порака Наша“ работеше напорно во последните неколку месеци и е многу посветен да направи разлика во животот на постарите луѓе и лицата со попреченост во Куманово. Им благодариме на нашите колеги од „Порака Наша“ за оваа добра соработка и им посакуваме се најдобро во нивните напори да обезбедат континуитет на нивниот сервис за домашна нега во Куманово, додава Anna Schaeithauer.
Проектот на „Порака Наша“ сервис за грижа на стари и на лица со попреченост ја потврди потребата од вонинституционална поддршка на овие категории граѓани преку ангажирање на лиценцирани негуватели.