Вести

Спасовски- Безбедносната ситуација во Куманово е поволна, се бележи намалување на кривични дела

By Radio Bum

December 21, 2022

Безбедносната ситуација во Куманово е на задоволително ниво, намален е криминалитетот, а зголемена безбедносната во сообраќајот, информираше Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи кој денес оствари работна посета на Секторот за внатрешни работи Куманово за согледување на актуелната ситуација и за сработеното во изминатата година.

Министерот Спасовски изјави дека на територијата на СВР Куманово во периодот јануари – ноември 2022 година, споредбено со истиот период во 2021 година, вкупниот број на кривични дела бележи намалување за 13.3 %.

„Во истиот период во однос на активностите насочени кон спречување и откривање на недозволена трговија со дрога и оружје, СВР Куманово бележи зголемување во откривачкиот дел за 21.7 %. Позитивниот тренд во 11-те месеци годинава присутен е и во областа на безбедноста во сообраќајот. Само во месец ноември 2022 година споредбено со ноември 2021 бележиме намалување на вкупниот број на сообраќајни несреќи за 34,8%“, истакна Спасовски. За територијата која е во надлежност на Регионалниот центар Север Спасовски потсети дека во периодот јануари – ноември во 2022 година споредбено со истиот период минатата година постигнато зголемување во откривачката дејност на фалсификувани возила за 400%, рече Спасовски.

„Во делот на откривање на илегалната миграција годинава бележиме зголемување за 8,5 % на бројот на откриените илегални преминувања споредбено со 2021 година и зголемување на откривачката дејност за 15% за откриени случаи на криумчарење мигранти. Што се однесува за бесправна сеча и пустошење на шуми годинава имаме тренд на зголемување на откриената дрвна маса за 11%“, истакна министерот додавајќи дека во периодот јануари – ноември 2022 година споредбено со истиот период во 2021 година се бележи тренд на зголемување на откриените случаи на прекуграничен криминал за 22,2 %. Министерот Спасовски изрази уверување дека и во наредниот период ќе се продолжи со зголемена динамика при реализација на превентивните активности, но и на репресивните мерки, па со добри резултати во поглед на ефикасноста ќе ја испратиме оваа година, што ќе биде дополнителен мотив за уште подобри резултати во годината што следи, изјави во Куманово министерот Спасовски.

Сузана Андоновиќ