Вести

Димитриевски: Вечерва велам колку сме толку сме, многу сме и повторно ќе победиме, а тука кажаа оставете го Максо, сам е тој

By Radio Bum

December 17, 2022

„Различни од вера, од нација, од политичко убедување, но сите кумановци заедно за нашиот град, за наша Македонија. Сакам да ве поздравам сите мои кумановчанки и кумановчани, да ве поздравам сите горди и достоинствени луѓе што вечерва сте заедно овде во оваа сала заедно со нас, Ви е поклонувам на сите. Нека ве гледаат, нека Ве бројат и нека калкулираат, а на крајот и нека фотошопираат, бидејќи со притисок, уцена и закана се добива само повратен одговор „Не“ и црвен картон. А тоа го научија од оние што беа пред нив и за жал ништо не научија“, рече Максим Димитриевски, основачот на граѓанското движење „За наше Куманово“ и актуелен градоначалник на општина Куманово на трибина по повод шест месеци од формирањето на здружението и една година реален граѓански концепт од граѓаните и за граѓаните во Куманово.

Идејниот творец на здружението Максим Димитриевски на вчерашната трибина потенцираше дека различни по вера, по нација, по политичко убедување, но сите кумановци се заедно за градот, за Македонија.

„Пред една година реков, на првиот собир бевме триесетина луѓе и малку имаше разочараност, навикнале луѓето на масовни собири. Велам другари, колку сме толку сме, какви сме, такви сме, тие сме и ќе победиме! Вечерва велам колку сме толку сме, многу сме и повторно ќе победиме. Повторно! Велеа сами сте и точно е бевме сами. Но, со нас и зад нас ги имавме граѓаните. Рамо до рамо се боревме и ја добивме битката. Но, битката добиена не преставува привилегија, туку претставува уште поголема одговорност, бидејќи овој град е потребно да се менаџира и дополнително да се изгради и трансформира во едно модерно и урбано место за живеење. И ние заедно со тимот „За наше Куманово“, со претседателката на Советот, раководството, мнозинството во Советот, вработените во општината и со поддршка на граѓаните од ден на ден го правиме тоа“, потенцираше Димитриевски.

Куманово е Европа во мало и нема да дозволиме никој да чепка по идентитетот и јазикот, вели Димитриевски.

„Нема да дозволам никој да чепка во историјата, затоа што ние имаме наша, сопствена историја, а не заедничка како што некои сакаат да кажат. За таа наша историја се бореа нашите предци и ја креираа, е премногу свежа за да некој денеска си дозволи се дрзне да ја менува. Затоа не ни се потребни никакви француски предлози, за да ни објаснуваат како тоа се влегува во Европа. Ќе влеземе како и сите досегашни европски нации, со крената глава, со взаемно почитување и вреднување“, рече Димитриевски и посочи дека во оваа сала пред две недели кажале оставете го Максо, сам е тој.

„Ај, што не направи ништо, па велат потрошиле 200 милиони евра во Куманово, инвестирале. Па од овде бидејќи немам намера да ги споменувам многу само ќе им кажам, знаете ли луѓе што се 200 милиони евра? Знаете ли дека со 200 милиони евра, еден нов град се гради. Па, кај е тој нов град во Куманово што го изградија? А не само што шајка не заковавте, камен на камен не оставивте во овој град. Колатерална штета сте во историја на овој град, повеќе министри и премиери не поминале, а буквално ништо не направиле за оваа општина. Па ќе завршат функциите, како ќе се појавите тука да испиеме кафе? Па со кого ќе пиете кафе? Дали сте свесни дека тоа што вие го правите денеска всушност ќе го чувствуваат идните генерации? А тоа што ќе почувствуваат идните генерации ќе биде само за срам и ништо повеќе. Затоа сме ние вечерва тука, дополнително да ги охрабриме луѓето и да направиме едно ново движење кое ќе тргне од Куманово преку Прилеп, од Прилеп до Крушево, од Крушево во Тетово, од Тетово ќе се рашири низ цела Македонија, затоа што Македонија тоа го заслужува, затоа што Македонија тоа го бара и затоа што кумановчани и овие одважни луѓе секогаш во историјата знаеле кога е вистинскиот момент да застанат на прагот на револуцијата да се кренат и да го кренат Македонскиот народ заедно со Албанскиот, Српскиот, Турскиот, Ромскиот, Влашкиот, да направиме едно големо движење за наша Македонија“, изјави Димитриевски.

Носителката на листа за советници од последните локални избори Ивана Ѓорѓиевска истакна дека мора да се врати вербата на граѓаните, особено на младите, затоа што развојот на градот зависи од сите нас, а особено од младите лица. Таа истакна дека повеќе не треба да бидеме држава без државотворна власт.

„Политиката бара многу лични вложувања и откажувања, многу поттикнувања, многу тешки и непопуларни одлуки, многу работа. Уште на почеток на кампањата силно верувавме дека може да испорачаме. Само луѓе што имаат чиста мисла, идеја и кои се врвни професионалци во својата област можат да работат во интерес за Куманово. Влеговме во секоја област за да се соочиме со проблемот, да најдеме решение за граѓаните. Во нашите редови има место за вредни, исполнителни луѓе, лесно е да критикуваш, тешко е да сработиш. Токму поради тоа сум во политиката, токму поради тоа го поддржав Максим Димитриевски, граѓаните во него препознаа искреност, чесност, достоинственост, исполнителност и достоинство. Куманово е гордо со него“, посочи Ѓорѓиевска.

Претседателот на здружението Даниел Стојчевски потенцираше дека граѓанскиот концепт е отворен за сите граѓани кои сакаат напредок без разлика на нивниот пол, вера, етничка припадност или политичка определба.

„Во нашето здружение може да се приклучи секој оној што сака суштински промени. Вратите од здружението се отворени за секого. Како претседател на граѓанскиот концепт „За наше Куманово“ се водам од водилката на одговорно делување, транспарентно работење и грижа за секој граѓанин. Ги слушаме нашите постари граѓани, пензионерите, учиме од нивното искуство и заедно со нив имплементираме локални проекти. Ги слушаме младите затоа што за младинските проблеми можат решенија да носат само младите лица. Вложуваме во соживотот, во меѓусебната грижа и поддршка. Се трудиме животот на кумановци да го направиме поедноставен, посреќен и подостоинствен“, рече Стојчевски.

На трибината присуствуваше и против кандидатот на Димитриевски на локалните избори Беким Салиу и Градоначалникот на Шуто Оризари Курто Дудуш.

Гости беа и Петар Атанасов – поранешен заменик министер за образование, Горан Минчев – Поранешен генерален секретар на СДСМ и пратеник, Марин Алексов – Поранешен секретар на Градска организација на СДСМ, Благоја Стојановски – Поранешен пратеник и претседател на ОО СДСМ Гази Бабa, Професор Бобан Карапеовски.

Сузана Андоновиќ