Претставници на сирискиот уставен комитет денес ја посетија општина Куманово, а целта на посетата е да стекнат искуство за децентрализација, која успешно се имплементира во општина Куманово.
Во Сирија ќе се менува уставот, а од комитетот велат дека сакаат да проверат колку Македонија може да биде модел за Сирија, информираше Ева Салзберг од Европски центар за курдски студии.
– Во моментов со Советот на Сирија и работиме на воспоставување и формирање на новиот Устав на Сирија, учесниците се заинтересирани за децентрализацијата, сакаат да учат за децентрализацијата, во смисла на правата на малцинствата, знаеме дека Северна Македонија е децентрализирана и во однос на правата на малцинствата. Сакаме да провериме колку Северна Македонија може да биде модел за Сирија. Од тоа што можеме да видиме различни етнички групи, религиозни групи живеат во мир, и тоа значи дека нешто мора да функционира добро. Знаеме дека не е се совршено, дека има проблеми, многу Македонци ни велат дека има проблеми, но ние ќе учиме и од вашите грешки, не само од вашите успеси, истакна Салзберг.
Марија Бабан, раководител на Одделение за меѓународна соработка и евроинтеграции, сектор за меѓународна соработка вели дека со посета на сирискиот уставен комитет сакаат да споделат позитивното искуство во делот на мултиетничкото живеење во Општина Куманово, како и позитивните практики.
– Во Општина Куманово имаме позитивен пример на разбирање и доброто живеење помеѓу сите етнички заедници на територијата на нашата општина. Во дел на почитување на човекови слободи и права, владеење на правото, поголема толеранција помеѓу младите, вели Бабан.
– Денешната посета за нас како општина Куманово, како сектор за меѓународна соработка, евроинтеграции, локален економски развој е од големо значење, пред сè во делот на воспоставување поголема соработка бидејќи овој сектор остварува добра соработка не само со збратимени градови, туку и со меѓународни организации, акредитирани дипломатски претставништва и со сите добронамерни, чинители коишто се заинтересирани за соработка во делот на работа со проекти, воспоставување на добри практики помеѓу самите чинители, така што настанот е од големо значење и сме избрани за едно од петте општини каде што сирискиот уставен комитет ќе воспостави соработка, истакна Бабан.
На гостите од Сирија, Ивана Ѓорѓиевска претседателка на советот на општина Куманово им ја претстави работата на советот на општина Куманово, а Александар Јовановиќ, раководител на секторот за образование им кажа примери како учениците од повеќе националности учат во училиштата.
Организатор на настанот е институтот за политички истражувања во Скопје, а покрај Куманово, претставниците на сирискиот уставен комитет ќе ги посетат градовите Тетово, Гостивар како и Уставниот суд и Собранието.