Професионални велосипедисти од велосипедскиот клуб Вело М- Терма лифт и ученици од основни и средни училишта од Куманово со велосипед ја одбележаа Европската недела на мобилност во Куманово.
Велосипедското дефиле е во организација на СВР Куманово, Отсек за превенција во соработка со општински Совет за безбедност во сообраќајот и велосипедскиот клуб Вело М- Терма лифт.
– Во рамки на европска недела на мобилност СВР Куманово активно се вклучи во секојневните реализации за зголемување на безбедноста во сообраќајот, намалување на сообраќајниот метеж како и намалување на жртви и повредени лица во сообраќајни незгоди, изјави Ивана Младеновска, портпарол на СВР Куманово.
Таа вели дека се спроведуваат едукативни работилници со ученици во основни училишта, разговор со граѓани и делење на едукативен материјал на критичните сообраќајни точки во градот и покрај училиштата.
– Во соработка со општинскиот Совет за безбедност во сообраќајот и велосипедскиот клуб Вело М – Терма лифт се организираше дефиле со возење на велосипеди во присуство на полициски службеници низ централно градско подрачје. Пораката која што ја пренесуваме е покрај безбедноста на велосипедистите е и промовирање на велосипедите како алтернативно превозно средство, вели Младеновска.
Традиционално, пет години по ред се вклучуваме во Европската недела на мобилност со ученици од основните и средните училишта од Куманово, изјави Бојан Петковски од Општинскиот Совет за безбедност во сообраќајот.