Наставата во училиштата ќе се одвива редовно со физичко присуство, а мерките за штедење на електрична енергија ќе се почитуваат, изјави денес во Куманово Лулзим Алију, заменик министер за образование и наука.
Тој вели дека министерството за економија и другите ресорни министерства укажале дека е можно да има енергетска криза, но официјално нема.
-Наставата се одвива нормално со барања порационално да се користи електрична енергија и се надевам дека во ниту едно училиште нема да има прекин во наставата поради недостиг на електрична енергија. Со домаќинско користење на струја нема да има проблеми, вели заменик министерот Алију, посочувајќи дека училиштата ќе имаат обврска да ги гасат светлата доколку нема потреба да работат и да не се затоплуваат просториите каде нема ученици. -Тоа е мерката од Владата која е донесена на 1 септември и доколку се почитуваат овие мерки ќе нема проблем, тврди Алију .