Во Куманово има 98.104 жители и е најголема општина во државата, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика, кој денес ги промовираше резултатите од пописот.
На подрачјето на Куманово има 30.450 домаќинства и 38.147 станови.
Според етничката структура во Куманово живеат 54.741 Македонци, 25.493 Албанци, 143 Турци и 2.795 Роми, 117 Власи, 6.392 Срби, 38 Бошњаци и 700 припадници на други националности.
Во проценти, Куманово има 55,8 отсто Македонци, 25,99 отсто Албанци, 6,52 отсто Срби,0,15 отсто Турци, 0,12 отсто Власи, 0,04 отсто Бошњаци и 0,71 отсто припадници на други етнички заедници.
Во Македонија вкупниот број на населението изнесува 1.836.713 милиони жители. Од нив, 50.4 % се жени, а 49.6 % се мажи.
Според изјаснувањето за етничка припадност, 58.44 % проценти од населението се изјасниле како Македонци, 24.30 % проценти како Албанци, 3.86 % како Турци, 2.53 % како Роми, 0.47 % како Власи, 1.30 % како Срби и 0.87 % како Бошњаци и др.
Според религиската припадност 46.14 % се изјасниле како православни, 32.17 % како муслимани (ислам), 0.37 % како католици, а во овој Попис се појавија и други религиски заедници кои ги немаше во претходните пописи, а тоа се: евангелско протестантски христијани, агностици, будисти и други.
61.38 % од попишаното население се изјасниле дека мајчин јазик им е македонскиот, 24.34 % албански мајчин јазик, 3.41 % турски, 1.73 % ромски, 0.17 %, влашки, 0.61 % српски и 0.85 % босански јазик.
Бројот на домаќинства изнесува 598 632, а просечниот број на членови на домаќинствата изнесува 3.06.
Во рамките на Пописот 2021 беше овозможено македонските државјани кои живеат и престојуваат во странство повеќе од една година да се самопопишат преку веб-апликација која беше достапна на веб-страницата за Попис.
Оваа можност ја искористија 258 932 наши сонародници од кои 24.55 % се изјаснија како Македонци, 66.42 % како Албанци, 4.78 % како Турци и др. Оваа категорија граѓани не влегува во вкупното резидентно население на Република Северна Македонија.