Вести

Тужби и протести најавија автопревозниците доколку не се прифати одлуката на второстепената комисија за превоз на патници

By Radio Bum

March 14, 2022

– Ако се поништи тендерската постапка за јавен превоз во Куманово, граѓаните најмалку уште три месеци ќе останат без превоз, за оваа директна одговорност ќе носи градоначалникот Максим Димитриевски, обвини Виктор Божиновски, адвокат и правен застапник на неколку автотранспортни претпријатија во Куманово. Божиновски вели дека Димитриевски нелегално на последната седница на советот на општина Куманово со мнозинството на советници ја изгласале одлуката за изменување и дополнување на одлуката за уредување на општински линиски превоз на патници во општина Куманово.

– Одговорно тврдам дека во постапка не можат да се носат измени и дополнувања, – обвини денес Виктор Божиновски, тој вели дека градоначалникот фаворизирал една компанија за која вели дека и недостигале одредени документи.

– Јас присуствував на отворањето на понудите, а таа компанија ги немаше дел од пропишаните документи од централен регистар и дадоа број на поаѓања без возен ред, а еден од условите беше да се има паркинг, за што таа компанија достави договор за закуп на нива-изјави Божиновски. Тој вели дека автопревозниците го искористиле своето законско право и поднеле жалба до Министерството за транспорт и врски од каде второстепената комисија ја поништила одлуката на градоначалникот и постапката ја вратиле на повторна постапка кај Димитриевски кој според правниот застапник на автопревозниците треба да изготви нов правен акт почитувајќи ги сите напатствија од второстепената одлука на комисијата, а до денес таква одлука нема, вели Божиновски.

– Наместо тоа се донесува незаконска одлука за изменување на првата одлука од декември со која сега се менуваат правилата иако постапката не е завршена, а од тука произлегува незаконската одлука на советот, вели Божиновски.

Тој го повика градоначалникот да ги прифати препораките на Второстепената комисија на Министертството за транспорт и врски, и да донесе решение со кое ќе ги додели линиите на претпријатијата кои ги исполнуваат условите на распишаниот оглас и со тоа ќе го одблокира функционирањето на јавниот превоз на најголемите линии во градот. Во спротивно, целата одговорност за немањето превоз паѓа врз грбот на градоначалникот и општинската администрација, бидејќи повторувањето на огласот ќе одземе многу време и ќе ја продолжи голготата на граѓаните.

Доколку не добијат позитивен исход, автопревозниците ќе поднесат тужба до Општината за надомест штета за невршење на својата дејност во овој период, пријава до Државниот управен инспекторат поради незаконската одлука на Советот, а најавија и протест пред општината.

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски на последната седница на советот кажа дека нема да дозволи фаворизирање на ниту една компанија. Условите на тендерот мора да ги исполнат компаниите. „ Со ова ќе се зголеми нивото на квалитетот на возилата со кои се врши јавниот превоз, тргнувајќи од исполнување на екостандарди што мора да бидат минимум еко 4 возила, возила со ниски платформи кои се исклучиво предвидени за употреба во јавниот превоз. И на крајот, приоритетот број 1 за добивање на голем број на поени во самата постапка ќе биде вкупниот број на понудени тргнувања и заминувања од точка А до точка Б на одредена локација, вели Димитриевски. • Во јавноста се стекнува впечаток дека одредена, една, две или три компании се повластени компании во делот на вршење на јавниот превоз и всушност голем профит на грбот на граѓаните првенствено од буџетот користејќи ја ставката превоз на ученици и таа дејност ја вршат со години“, -кажа градоначалникот. • „Не е точна констатацијата дека на територија на општина Куманово нема јавен превоз. Од 26 линии, во моментов 15 линии се уредени со уредно потпишани договори за сите тие линии, согласно законот од општината се издадени уредни лиценци за вршење на дејност. Но, најавувам и тоа јавно го кажувам, дека овие 15 линии кои веќе се издадени ќе бидат дополнителен предмет на други истраги за утврдување на фактичката состојба дали реално согласно договорот се остваруваат обврските од страна на договорената страна за вршење на јавната услуга јавен превоз. Тој посочи дека сите оние граѓани кои во овој изминат период претрпеле штета но не по своја вина, општината ќе мора да изнајде начин да им ја надомести таа штета.

Граѓаните на Куманово од 1 јануари останаа без јавен превоз бидејќи не беше распишана тендерската постапка поради локалните избори. На први февруари дел од линиите започнаа да возат. Граѓаните се револтирани и мака мачат како да стигнат до работните места.